Македонците од Мала Преспа мака мачат на граница
Македонците од Мала Преспа се жалат дека имаат проблем со цариниците на граничниот премин Горица, од албанска страна, на македонско-албанската граница. Тие велат дека во повеќе случаи надлежните на овој граничен премин не им дозволуваат на Македонците да пренесуваат производи за дома, а коишто не се предмет на трговија и се дозволени со закон.
Генералниот секретар на партијата на Македонците во Албанија - Македонска алијанса за европска интеграција Васил Стерјовски, во Корча, се сретна со директорката на царината за Округот на Корча, Ерјона Рафти и од неа и официјално побара да преземе мерки за цариниците да не ги попречуваат етничките Македонци при преминувањето на граничниот премин Горица.
Рафти, од своја страна, нагласила дека никој од вработените во царината не сме да ги попречува граѓаните коишто според закон носат стока за домашна потреба и која не е наменета за трговија.
Македонците од Мала Преспа често пазаруваат во Македонија и минуваат на овој граничен премин. Според законот во Албанија, дозволено е секој за домашна потреба преку граница да носи стока во вредност до 215 евра.
Притоа директорката Ерјона Рафти побара од Васил Стерјовски да им пренесе на Македонците во Мала Преспа, кога ќе пазаруваат во Македонија да земаат фискални сметки за купената стока, и истата фискална сметка да ја покажат на царина за да може да се потврди вредноста на стоката и според законот едно лице можи да пренеси стока во вредност до 215 евра и тоа само еднаш дневно.
Исто така, Рафти и Стерјовски договорија, доколку припадник на македонската етничка заедница во Албанија од областа Преспа, кој пренесува стока за домашна потреба во рамките предвидени со закон, биде попречуван од страна на вработените на граничниот премин Горица, да биде известена директорката Рафти која ќе преземе мерки кон вработените коишто ја злоупотребуваат службената положба и овластувањата.
Слично
