Македонците не веруваат на огласи, само партиска книшка е „спас“ за вработување?
Граѓаните не веруваат дека преку оглас може да се најде работа, или по препорака, напротив сметаат дека кај нас најважно е да се има роднинска или партиска врска за да се добие работа.
Ова некои го доживеале на своја кожа, или пак нивните деца кои се со високо образование, и покрај активното барање работа, следење огласи, не успеале да се вработат.
„Револтирана сум многу, врски мора да имате за да се вработите. Од искуството на моите деца знам. Поминаа над 20 интервјуа, се пријавуваа на огласи, ништо, никаков одговор не добија“, вели Марија Цветковска, граѓанин.
Друга жена која е невработена, вели дека откако завршила со образование, работа не нашла.
„Не верувам дека огласите се транспарентни, тоа е само формалност. Невработена сум откако знам за себе. Преку препорака на некој пријател исто така на верувам дека некој би ме примил на работа, тешко е“, додава Гордана Јордановска.
Постарите генерации сведочат за поубави времиња кога имало работа, и преку Агенцијата за вработување им наоѓале работен ангажман.
„Најдобро е преку оглас луѓето да се вработат, но огласите никој не ги почитува. Гледаме што се случува и како се вработуваат роднини. Јас имав многу убаво искуство. Се пријавив во АВРМ, и за помалку од месец дена се вработив, но тоа беше во времето на Југославија“, вели Слободанка Михајловиќ.
Од агенција за посредување при вработување од внатрешноста, ги охрабруваат невработените да следат огласи редовно. Додаваат дека во приватен сектор работа може да се најде преку оглас.
„Во фабриките постојано се бараат работници, пуштаат тие редовно огласи, се бараат исто така занаетчии, заварувачи, келнери, готвачи. Добар кадар на пазарот на труд тешко се наоѓа. Невработениот човек треба да го шири и својот круг на луѓе, да има што повеќе контакти, затоа што на тој начин ќе дознае каде се бара работник, ќе има информација. Ова се однесува за вработувања во приватни фирми, а за во државен сектор сите знаеме како одат вработувањата“, велат од оваа агенција.
Тие додаваат дека во западните земји се вработуваат кандидати со помош на препорака од претходните работодавци. Ова е пракса во светот, но не и кај нас.
Невработеност од 20,8 отсто е регистрирана лани во третиот квартал во земјава.
Сања Атанасовска