Македонците најстраствени пушачи - Топ дистрибутерите вртат милиони
Речиси 10 години на сила е рестриктивниот закон за заштита од пушење кој забрани употреба на цигари во затворени простории но, и покрај строгите мерки македонците и натаму се едни од најстраствените пушачи во Европа. Кога се актуелизира дебатата дали треба да се либерализира законот за заштита од пушење ги анализираме билансите на успех на едни од најголемите дистрибутери на цигари во Македонија при што од прв поглед видливо е дека остваруваат милионски приходи на годишно ниво.

Предмет на оваа анализа се компаниите Експанда која е дистрибутер на Филип Морис, Империал Тобако Тутински комбинат Скопје, Прима МК, Тотал Тобако Груп и дивизијата на Пекабеско за дистрибуција на цигари. Овие компании ги продаваат едни од најпопуларните брендови на цигари чии цени за кутија се движат од 70 до 120 денари и со тоа сме еден од најевтините пазари за цигари во Европа.

Ова се само компании за кои досега успеавме да ги најдеме резултатите од финансиските извештаи кои се однесуваат на производството, продажбата или дистрибуцијата на цигари иако има и компании кои покрај цигари дистрибуираат и друг вид на акцизна стока. Така топ 5-те компании според изборот на Фактор за 2016 година од пазарот со цигари оствариле неверојатни вкупни приходи од 170 милиони евра или чист профит од 7,5 милиони евра, при што дури четири од нив работат во позитива, а само една со загуба.

Експанда ДООЕЛ е главен партнер на Филип Морис во делот на дистрибуцијата на цигари од посочените конкуренти бележи најдобри финансиски резултати и 2016 година ја завршува со раст од околу 10%. Во 2016 Експанда има реализирано 64,4 милиони евра вкупни приходи што е раст од околу 6,5 милиони евра во однос на претходната година. Оперативните расходи на Ескпанда се 64 милиони евра па така годината ја завршуваат во позитива. Добивката на Експанда за 2016 изнесува 423 илјади евра или 32 илјади евра повеќе во однос на 2015-та. Кај Ескпанда расте и бројот на вработени, од 89 во 2015 на 98 во 2016 година. Меѓу главните брендови на цигари на Филип Морис е Марлборо кој држи премиум цена на македонскиот пазар.
Империал Тобако ТКС има широк асортиман на цигари од кои на пазарот меѓу најпопуларните е Родео. Империал Тобако ТКС е инаку дел од британскиот конгломерат Imperial Brands. Нивниот финансиски извештај од работењето покажува исто така на многу силни резултати, но и мал пад на приходите за минатата година. Во 2016-та Империал Тобако ТКС вкупно остварил 38,7 милиони евра што е пад од околу 276 илјади евра во однос на една година претходно. Сепак, Империал Тобако ТКС успеал да ги скрати оперативните расходи и тоа ултимативно влијае на зголемена добивка. Во 2016 Империал Тобако ТКС бележи вкупни расходи од 33 милиони евра или успеал да ги намали за фантастични 4,8 милиони евра во однос на 2015 година. Така добивката на Империал Тобако ТКС во 2016 изнесува вкупно 5 милиони евра или раст од околу 975 илјади евра на профитот во однос на 2015 година кога профитната нето маржа била многу послаба.
Прима МК исто така е еден од најголемите дистрибутери на цигари во Македонија со застапеност на неколку популарни „марки“ како Камел и Винстон и вршат достава на цела територија на државата. Прима МК исто како и претходните тобако компании има фантастична 2016 година со раст на приходите од речиси 20%. Прима МК во 2016 година успеал да оствари 29,7 милиони евра што е подобар резултат од 2015 со раст од 5,3 милиони евра. Прима МК има и за 40% поголем профит лани во однос на 2015 година, поточно заработил чисти 228 илјади евра или за 97 илјади евра повеќе од годината претходно. Соодносот на приходи и расходи кај Прима МК е речиси идентичен во изминатите две години со тоа што во 2016 потрошиле 5,2 милиони евра повеќе но, како што веќе напоменавме растот на приходите одлично го надоместува трошењето.
Пекабеско е компанија на која прва асоцијација сигурно ќе ви биде продажбата на месо и месни производи, но исто така доста силна им е дивизијата за цигари која е „винова“ за речиси половина од нето приходите. Пекабеско АД Скопје гледано според завршната сметка за 2016 година има вкупни приходи од фантастични 65 милиони евра, а од нив 39 милиони евра нето приходи се должат токму на дистрибуцијата и продажбата на цигари. Пекабеско во 2016 имал вкупно 428 вработени за кои издвоил 191 милион денари, додека пак годината претходно имал 447 вработени. Чистата добивка на Пекабеско во 2016 година од сите бизниси изнесува 3 милиони евра со раст на вкупните приходи од неверојатни 9,7 милиони евра.
Тобако Холдинг Груп е последната компанија во оваа анализа со најмали остварени вкупни приходи и годишен пад од речиси 40%. Дистрибутерот на цигари Тобако Холдинг Груп во Македонија врши дистрибуција на повеќе брендови на цигари меѓу најпознат е Лаки Страјк. Тобако Холдинг Груп во 2016 година стигнал до 2,2 милиони евра вкупни приходи или за околу 1,9 милиони евра помалку. Тобако Холдинг Груп е единствената компанија во оваа анализа која работи со загуба, па така во 2016 во минус „отишле“ за околу 160 илјади евра што е двојно полош резултат од годината претходно кога исто така забележале загуба. Тобако Холдинг Груп има 2,3 милиони евра расходи во 2016 но, без оглед што истите се помали за околу 276 илјади евра намалената оперативна активност влијае на крајниот резултат.
Според законската регулатива два пати годишно има постепено зголемување на цигарите за 2 до 5 денари по кутија, па така се предвидува до 2020 година најевтината кутија цигари да чини околу 100 во просек, додека поквалитетните брендови на цигари ќе чинат двојно поскапо. Сепак, и покрај повеќратното зголемување на цените на цигарите поради поскапувањето на акцизите македонците и натаму им оди тешко да се одвикнат од цигари. Во истражувањата на Фактор дојдовме до податоци дека дури и бесплатните програми за одвикнување од цигари во центрите за јавно здравје не даваат блескави резултати, па бројот на пушачи кои се откажале од пушење е речиси незначителен.
Автор: Христијан Станоевиќ
