Економија, финансии, бизнис

Контакт

Македонците ќе купуваат имот во Словенија полесно од Американците

Македонците ќе купуваат имот во Словенија полесно од Американците

Македонските граѓани во иднина ќе можат многу полесно да купуваат недвижен имот во Словенија откако парламентот во Љубљана ги усвои измените на Законот за утврдување на реципроцитет. Со нив, постапките за купување недвижност од страна на клиенти кои доаѓаат од земји- кандидати за членство во Европската унија се кратат на најмногу 30 дена од претходните неколку месеци, пренесуваат словенечките медиуми.

Ова значи дека законските измени важат за државјани на Македонија, Србијаи Црна Гора, додека, како што пишува весникот Финанце, нема да има промени за купувачите од Русија, Украина и Турција. Тие сé уште ќе купуваат словенечки недвижен имот на ист начин како и граѓаните на САД и на Канада.

Агенциите за недвижнини ја поздравуваат оваа иновација од неколку причини. Бранко Поточник од мариборската агенција за недвижности ИНСА вели дека првата причина е скратувањето на постапките за издавање одлуки за реципроцитет.

- Досега ако чекаме околу 60 дена да ја добиеме одлуката, имавме многу среќа, а процедурите можеа да траат до четири месеци- вели Поточник за Финанце.

Томас Крељ, директор на крањската компанија за недвижнини „Фесст“, исто така, го одобрува новото законско решение. Како што вели, не биле проблем комплицираните постапки, туку тешкотии се јавувале поради долготрајното чекање од поднесувањето на барањето до донесување на одлуката.

- Таа постапка беше премногу долга, а поради тоа, продавачите се откажуваа и го продадаваа имотот на клиент кој немаше потреба да докажува реципроцитет- вели Крељ.

(М.Б.)

Слично

Поврзани вести