Економија, финансии, бизнис

Контакт

МАКЕДОНЦИТЕ ИСПРАЌААТ ЦВЕЌЕ НА ДОМАШНА АДРЕСА: Колку чини овој убав гест?

МАКЕДОНЦИТЕ ИСПРАЌААТ ЦВЕЌЕ НА ДОМАШНА АДРЕСА: Колку чини овој убав гест?

Македонските граѓани испраќаат цвеќе на домашна адреса, потврдуваат од повеќе цвеќарници, а цената на услугата зависи од изборот на цвеќето, каков букет сакаат и далечината на локацијата каде пратката треба да се однесе. Од цвеќарниците велат дека некој ќе помине со 500 денари, но има и луѓе кои не штедат пари и ќе потрошат неколкупати повеќе.

„Се практикува испраќање цвеќе на домашна адреса, но нема одредена цена, може да биде тоа една роза, и може да биде и 101. Луѓето обично испраќаат цвеќе на домашна адреса за родендени. Доаѓаат луѓето, ни даваат адреса и се носи цвеќето. Цената за испораката зависи од тоа во која населба треба да се однесе цвеќето, колку е далеку. Ако адресата е во Центар доставата чини 150 денари, плус цената за цвеќето. Може букетите да чинат од 600 до 3.000 денари, но и повеќе.  На пример букет од 100 рози би чинел 15.000 или 20.000 денари. Некогаш во една седмица има 4 до 10 нарачки да однесеме цвеќе на домашна адреса. За 8-ми Март има повеќе нарачки. Порано ова се случуваше поретко, а сега е почесто. Младите тоа го практикуваат како еден убав гест и генерално од типови на цвеќиња повеќе нарачуваат рози“, велат од скопска цвеќарница.

Нашите соговорници објаснуваат дека младите денес сакаат со цвеќе да честитаат некој повод, да укажат внимание, да искажат благодарност. Според нив, за разлика од порано, денес работите се смениле во позитивна насока.

„Се вршат достави на цвеќе на домашна адреса и во Охрид. Цената обично е 150 до 200 денари, а доколку локацијата е подалеку, наплаќаме и повеќе. Луѓето трошат по 500-600 денари, па и повеќе за испраќање на цвеќе. Секој има различен вкус и бира различен тип на цвеќе. Испраќаат цвеќе за родендени, имендени, годишници, да се заблагодарат на некој. Еднаш или двапати во неделата доаѓаат луѓе кои сакаат да испратат цвеќе на нечија домашна адреса“, додаваат од охридска цвеќарница.

Од друга цвеќарница велат дека е добро тоа што цвеќето се популаризира и луѓето често го бираат за подарок, но додаваат дека понекогаш финансиите се кочница.

„Доставата е од 150 денари па нагоре, зависи во кој дел на градот се носи цвеќето. Луѓето практикуваат да праќаат цвеќе, за убави поводи. Розите и хризантемите стандардно ги бараат. Саксиско цвеќе се бара секој ден, орхидејата е број еден“, наведуваат од цвеќарница Уна од Битола.

Потрошувачката на цвеќе на Балканот покажува тренд на пораст, според пишувањата на FloralDaily. Во некои балкански земји над 80 отсто од цвеќето кое се продава е увезено. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести