Македонци заинтересирани да ги купат српски „Расадници“?
Македонски инвеститор е заинтересиран да го купи претпријатието „Расадници“ од српска Врањска Бања, објавуваат српски медиуми. Според нив, станува збор за фирмата „Делта холдинг“ од Кочани која со години успешно се занимава со одгледување на зеленчук.
Претседателката на градската општина Врањска Бања Славица Сотировиќ очекува преговорите со потенцијалните инвеститори од Македонија наскоро да завршат и фирмата „Расадници“ да биде приватизирана.
„Расадници“ се во стечај и не работат веќе десет години, а претходно се занимавале со одгледување на цвеќе со користење на топла вода од реката Бањштица.
Претставници на српската општина ја посетиле кочанската фирма „Делта холдинг“ заинтересирана да влезе во инвестицијата и увиделе дека таа работи на одгледување на ран зеленчук по холандски принцип, со најсовремени методи. Истите методи македонската компанија има намера да ги пренесе и во Србија, доколку ги купи „Расадници“.
Инвестицијата на „Делта холдинг“ во Србија се проценува меѓу два и четири милиони евра, а планот е да се отворат околу 100 работни места.
Слично
