МАКЕДОНЦИ СВРТЕЛЕ 47 МИЛИОНИ ЕВРА ВО СТРАНСТВО: Купуваат акции во Тесла, Али Баба, Дојче Банк
Три банки и една брокерска куќа – преку нив на странски пазари наши граѓани и фирми во првите девет месеци годинава истргувале акции и обврзници вредни 47 милиони евра. Сумата е за 7,4 милиони евра или за 19 отсто поголема со истиот период лани, покажуваат податоците на Комисијата за хартии од вредност (КХВ) . Зголемениот промет до некаде бил поради тоа што се зголемил бројот на овластените учесници преку кои се врши тргувањето односно годинава од март тоа го прави и една брокерска куќа. Сепак нејзиното учество не е доста значајно па најмногу, зголемената вредност на тргувањето најмногу се должи на поголемиот интерес за странските хартии од вредност.

Инаку тргувањето на странските пазари од земјава го реализираат доминантно Шпаркасе банка, Комерцијална банка и НЛБ Банка. Анализата на КХВ покажува дека сепак реализираниот промет на странските пазари е значајно помал од тргувањето дома. Во трите квартали годинава бил реализиран промет во вкупна вредност од 207,2 милиони евра. Во проценти 23 отсто е реализиран на странските пазари, а 77 отсто на домашниот пазар. Инаку се тргува најмногу со акции или на акции отпаѓа дури 90 отсто од вкупниот промет остварен на странските пазари.
Долг период, дурии во време кога вложувањето во акции на домашен терен доживуваше бум, македонските граѓани не можеа да вложуваат во хартии од вредност во странство и покра тоа што имаше континуиран интерес. Тоа беше ограничено, но со преминувањето на Македонија во втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација им беше овозможено на домашните банки да посредуваат при купопродажбата. Петар Трпески, од Дирекцијата за тргување и финансиски пазари на Шпаркасе банката во интервју за Фактор неодамна изјави дека со воведувањето на оваа услуга, домашните правни и физички лица добија можност да купуваат и продаваат хартии од вредност на најголемите светски пазари на капитал и дека засега има многу голем интерес.
„На нашите клиенти им овозможуваме да тргуваат со хартии од вредност на најголемите светски берзи, на брз и безбеден начин, усогласен со сите светски стандарди. Во тој контекст, може да се тргувасо акции, ETF-ови и обврзници на повеќе од 40 најголеми светски пазари, вклучувајќи ги HYSE, NASDAQ, Euronext, Vienna Stock Exchange, London Stock Exchange, Xetra Frankfurt и други. Конкретно, домашните инвеститори можат да купат хартии од вредност издадени од најголемите светски компании, како што се Apple, Tesla, Volkswagen, SAP, Ali Baba, Deutsche Bank, и многу други. Понатаму, достапни се уделите на Erste Asset Management и други најголеми светски инвестициски фондови како што се Black Rock, Fidelity и други, во кои инвеститорите можат да стекнат удели во ETF-ови кои инвестираат во технолошки развој, зелена енергија, здравство и други сектори. На крајот, поискусните инвеститори можат да вложуваат и во голем број брзорастечки компании со потенцијал за остварување на натпросечни приноси, изјави Трпески.
Тој вели дека интересот се зголемува и дека либерализацијата на девизниот режим сама по себе ја зголемило побарувачката за инвестирање на странски берзи, но силно влијание секако имале и плиткиот локален пазар, ниските каматни стапки на депозитите и движењата во меѓународната економија.
„Во услови на ниски каматни стапки, сопствениците на депозитите имаат реална потреба да ги алоцираат вишоците парични средства во други класи на финансиски инструменти користејќи ги меѓународните финансиски пазари. Поради се ова, интересот на домашните физички и правни лица за инвестирање во странствое веројатно и понатаму забрзано да расте, вели Трпески.
Додава дека структурата на инвеститорите е различна и диверзифицирана според возраста, професијата и големината на вложените средства. Со оглед дека не постојат ограничувања на износите на вложувањата, интерес постоел и кај сите групи на граѓани – вработени, сопственици на бизниси, студенти, пензионери...
А.Т.
