„Магна“ го претставува инвестицискиот план во ТИРЗ Струга
Водечкиот снабдувач на автомобилски делови Magna Internacional денеска ќе го промовира инвестицискиот план откако канадската компанија започна со изградба на фабриката во ТИРЗ, Струга.
Лани во август „Магна“ објави дека започнува со изградба на првата фабрика во земјава, не наведувајќи никакви подетални информации за висината на инвестицијата, бројот на работни места кои ќе бидат отворени и локацијата каде ќе се гради фабриката.
„ Во Magna продолжуваме да одиме напред и остануваме фокусирани за подобро да им служиме на нашите клиенти низ целиот свет. Возбудени сме да го објавиме почетокот на нашата прва фабрика во Северна Македонија. Во објектот од 17. 000 м квадратни ќе се произведуваат надворешни огледала и активатори.“ – објави тогаш странскиот инвеститор.
На промоцијата свое обраќање ќе има премиерот Зоран Заев, како и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши, како и директорот на Дирекцијата за Технолошко индустриски развојни зони, Јован Деспотовски.
На промоцијата ќе биде направена виртуелна 3Д презентација на инвестицијата, а ќе се обрати и потпретседателот на „Магна“, Дејвид Креспи.
