Маѓар нема да му прости, но дали Силјановска-Давкова може да го помилува Груевски?
По речиси две децении политичка моќ на унгарскиот премиер Виктор Орбан, на народот конечно му се здосади од власта на Фидес и реши да направи промена, не премногу радикална туку да се сврти кон помладиот и надежен политичар Петар Маѓар.
Тој важи за поумерен десничар но, со отворен поглед кон Европската Унија и западните интереси, наместо конфронтации околу санкциите против Русија и финансирањето на воениот товар во Украина.
Но, тоа што е многу поважно за локалната јавност е прашањето за статусот на политичкиот азил за Никола Груевски и можната екстрадиција на поранешниот македоски премиер, но и воопшто иднината на стратешкото партнерство на оската Будимпешта-Белград-Скопје.
Враќањето на Груевски како операцијата „Спасувањето на војникот Рајан“
Кокетирањето со идејата за враќање на екс-премиерот Никола Груевски како бегалец од правдата кој доби политички азил во Будимпешта, скапо ја плати Димитар Ковачевски, кој по поразот на изборите во 2024 година освен премиерската ја напушти и лидерската позиција во СДСМ.
Како дел од таа операција, да се создаде наводна конкуренција врз Христијан Мицкоски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, беа донесени измени на Кривичниот законик со кој одредени кривична дела кои му се товареа на Груевски се создоа услови да застарат, и на тој начин да се олесни судскиот товар врз него.
Но, ако тогаш се покажа дека таа операција е премногу „скапа“, во политичка смисла, секако и со удел на Ахмети и ДУИ, дали сега на таков чекор би се осмелила претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
Таа веќе имаше една неславна епизода на помилување кога ослободи контроверзни ликови од нарко-подземјето, а од друга страна пак, не ги помилува сите обвинети за насилствата на 27 април, односно групата која и во реториката на функционери на ВМРО-ДПМНЕ беше нарекувана „уставобранителите“.
Претседателката на располагање го има и инструментот аболиција со кој може да престане кривичниот прогон против Груевски за одредени предмети кои и натаму „неволно“ се влечкаат по обвинителствата, но тој секако ќе мора да ја одлежи затворската казна од неколку правосилни и конечни судски пресуди, како на пример за набавката на службениот владин „мерцедес“.
Затоа екстрадацијата на Груевски во Македонија автоматски ќе значи извршување на пресудите, и освен директно помилување од страна на претседателката нема друг правен основ за тој да се прошета како слободен човек по влегувањето на македонска територија.
Удар за конзервативците од Пенсилванија до Илинденска
Падот на Орбан е голем удар за конзервативното движење од авенијата Пенсилванија па се до Илинденска, најпрво за МАГА (Америка повторно Велика) на Доналд Трамп која го бележи првиот значаен пораз на европско тло, потоа за регионалните играчи околу Унгарија кои создадоа свој блок во рамки на ЕУ, па дури на крај за Александар Вучиќ кој долго оддолева да ја предаде власта во Србија, и секако нашата маленкост.
Во македонски рамки невообичаено лесно Унгарија успеваше да наметне мека моќ, што преку наводи за финансирање на медиуми, што преку директните врски со конзервативната ВМРО-ДПМНЕ која откако се врати на власт во 2024 година на централно ниво, речиси постојано е во Будимпешта како во официјални посети, така и во делот на стратешкото партнерство и бројните договори кои ги потпишаа државните институции на Македонија и Будимпешта.
Но, тој историјат најверојатно нема да влијае импресионирачки врз идниот унгарски премиер Питер Маѓар, кој уште на првата официјална прес-конференција најави дека ќе ги екстрадира сите странски корумпирани политичари кои добиле азил во Унгарија, вклучувајќи го и поранешниот македонски премиер Никола Груевски.
Х.С.