Економија, финансии, бизнис

Контакт

Магичен квартал на „Комерцијална банка“: добивка од 5,14 милиони евра !

Магичен квартал на „Комерцијална банка“: добивка од 5,14 милиони евра !

Со кратење на камати за депозити, значајно снижено ниво на резервации и кратење на износите во некои ставки на расходната страна, менаџментот на „Комерцијална банка“ успеа полугодишната загуба од 3 милиони евра да ја претвори во добивка од 5 милиони евра на крај на септември

„Комерцијална банка“ ги заврши првите девет месеци годинава со добивка од 316,7 милиони денари односно 5,14 милиони евра што е изненадувачки позитивна вест на многумина во домашната инвеститорска заедница. Иако се очекуваше позитивен резултат по долготрајниот пост објавата на билансот на успех изненади пријатно многумина.

Менаџментот успеа да направи позитивна разлика од над 5 милиони евра до крајот на септември иако на крајот на јуни исходот беше негативен и изнесуваше 3 милиони евра загуба. Од достапните податоци може да се види дека банката во последните три месеци значајно ги намалила расходите за камати што води на логичен заклучок на снижување на каматните стапки на некои депозити. Тие на крајот на првите девет месеци се 572,3 милиони денари, а лани во истиот период биле повисоки за 32 отсто односно за 267 милиони денари.

Во истиот период период банката успеала да ги одржи приходите од камати на исто ниво како лани што значи дека делумно го зголемила обемот на кредитирање затоа што е познато дека се генерално кај сите банки се намалени каматните стапки на кредитите. Во првите девет месеци нето приходите од камати се 2,3 милијарди денари, а лани во истиот период (заради повисоките расходи за депозитите) тие нето приходи биле 2,04 милијарди денари.

Резултатот е евидентен ако на тоа се додаде и фактот дека кај резервациите годинава износот е помал за 139,4 милиони денари во споредба со лани кога таа ставка изнесувала 1,42 милијарди денари, а сега е 1,28 милијарди денари. Кај втората по големина приходна ставка односно кај нето приходите од провизии и надоместоци банката успеала да одржи безмалку исто ниво како и лани. Нето приходот е над 10 милиони евра односно 654,6 милиони денари за 9 месеци и е само 10 милиони денари понизок од нето приходот за истиот период лани.

Евидентно од билансот е дека менаџментот на банката внимавал и да кратење на други помали ставки на расходната страна со цел да обезбеди максимизација на перформансите што укажува на тоа дека им било важно да прикажат солидни резултати во што и успеале. На пример трошоците на вработените во последниот квартал (периодот јули-септември) пораснале за 195 милиони денари (платите на вработените во тие три месеци се малку над 3 милиони евра) до износ од 617 милиони денари. Но износот од 195 милиони денари е понизок од просечниот износ по квартал (за првите два квартали) кој изнесува 211 милиони денари што значи дека банката тука во третиот квартал по овој основ заштедила 16 милиони денари.Слична е корелацијата и кај значајанта ставка „останати расходи од дејноста“ која за првите девет месеци изнесува 506,5 милиони денари, а само за последниот квартал изнесува 155 милиони денари.

Кога ќе се спореди со просечниот износ по квартал запрвите два квартали кој изнесува 175,6 милиони денари се гледа дека и тука има снижување на трошоците за 20 милиони денари што е над 10 отсто понизок износ од просечниот трошок во оваа ставка за првите два квартали.

rezultati komercijalna banka

Слично

Поврзани вести