Економија, финансии, бизнис

Контакт

Луфтханза ја укинува линијата Франкфурт – Скопје

Луфтханза ја укинува линијата Франкфурт – Скопје

Германската авиокомпанија „Луфтханза“ објави дека по повеќе од три години го прекинува директниот лет од Франкфурт до Скопје. Во резервациониот систем веќе не се достапни летови по 31 мај, ниту за летната, ниту за зимската сезона која започнува кон крајот на октомври. Компанијата понудува алтернативни врски преку Виена со „Аустријан ерлајнс“, исто така дел од Групацијата „Луфтханза“, пишува exyuaviation.

Линијата се одржуваше од седум до десет пати неделно, зависно од сезоната, а оваа зима бројот на летови беше намален на три неделно. Првиот лет од Франкфурт за Скопје беше реализиран на 23 април 2023 година. Со оглед на економската неизвесност, штрајковите на екипажите и растот на цените на керозинот, авиокомпанијата направи значителни измени во својот летен распоред, укинувајќи и други кратки и нерентабилни линии.

И хрватскиот национален превозник „Кроација ерлајнс“ направи сериозни кратења, откажувајќи ги утринските летови од Загреб до Скопје и намалувајќи ги неделните ротации од 11 на само четири летови.

Сепак, двата македонски аеродроми, управувани од ТАВ Македонија, забележаа рекорден раст на патничкиот сообраќај во првите четири месеци од 2026 година. На Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот Охрид биле опслужени вкупно 1,2 милиони патници, што претставува зголемување од 32,4% во споредба со истиот период минатата година.


Слично

Поврзани вести