Љубомир Костовски, новинар: Хипокризија и двојни критериуми!
Новинарите генерално со негодување го прифаќаат обидот на обвинителството да сугерира дека сите идни снмики поврзани со акцијата ПУЧ не смеат да се објавуваат. Сепак, спротивставени ставови имаат двете новинарски здруженија ЗНМ и МАН. Во денешниот преглед, за Фактор, дел од македонските новинари ги споделуваат своите видувања.
Љубомир Костовски, новинар Глобус: Хипокризија и двојни критериуми!
“Аферата Пуч се врзува за делото шпионажа. Македонија имаше уште едно, исто така со силни фанфари најавено кривично дело шпионажа вршена од повеќе сторители – тоа е аферата „Шпион“, каде се споменаа дека во шпионирање се инволвирани земји како Унгарија и Грција.
Во текот на истражната постапка од МВР „протекоа“ наводни доказни материјали до медиумите кои белким „тоа го заслужуваат“ и јавноста на тој начин беше спинувана, беше нарушена пресумпцијата на невиност и беа направени уште неколку фаули. Министерката Јанкуловска дури и говореше за „ликот и делото“ на првообвинетиот во случајот „Шпион“. Потоа наеднаш дојде забрана за објавување на било какви материјали во јавноста за овој случај, наводно заради неговата природа, но јасно, откако првата љубопитност на јавноста беше задоволена на начин кој тоа го посакува актуелната власт.
Во случајот „Пуч“ имаме одново многу индикативно протекување на една содржина која веројатно ќе биде дел од обвинителниот акт и по нејсино спинување на јавноста на официјално најгледаната телевизија во земјата, во однос на тезите на премиерот за овој случај, одново се става забрана за било какви други информација. Очевидно имаме хипокризија на највисоко ниво, двојни критериуми, кои се докажуваат во опасна репетиција, бидејќи, се работи за едно од најтешките кривични дела.“
