ЉУБЕ БОШКОСКИ: На чекор до слободата
Љубе Бошкоски е на чекор до слобода. Дали утре ќе ја напушти ќелијата во затворот Идризово зависи од директорот Живко Пејковски. Тој има дискреционо право да одлучи дали ќе му скуси 90 дена пред истекот на целата затворска казна. Според пресудата петгодишната казна затвор на Бошкоски за незаконско финансирање на изборна кампања му истекува на 6 јуни, но според Законот за извршување на санкциите директорот на установата може да го пушти на слобода три месеци порано. Адвокатот на претседателот на Обединети за Македонија, Константин Кратовалиев, за Фактор вели дека сите услови се исполнети и неговиот клиент на 8 март треба да се спакува и да си замине од Идризово.
„Очекувам да се испочитува Законот и мојот клиент Бошкоски да си го оствари правото како и сите останати осуденици претходно на кои им е ова овозможено. Тоа било досегашна пракса и се надевам дека така и ќе биде во случајот со Бошкоски.“, изјави за Фактор адвокатот Константин Кратовалиев.
Адвокатот објаснува дека одлуката е дискреционо право на директорот, но тоа не значи право на слободна волја. Затоа што неговата одлука се темели на мислењето на ресоцијализаторот кој за цело време го следи осуденикот во затворот, како и врз основа на неговото дисциплинско досие.
„Бошкоски ги исполнува двата услова, а како аргумент плус во негова корист е и мислењето од Основниот суд Скопје 1 каде му се суди за случајот „Ровер“, кое е доставено до затворот и според кое нема никакви процесно-правни пречки кои би го опструирале правото да му биде скратена казната за 90 дена“, вели Кратовалиев.
Директорот на затворот Идризово - Живко Пејковски, се уште не ја соопштува неговата одлука
Во саботата Пејковски рече дека ќе даде изјава во недела, но тоа не го стори ни вчера. Додека Пејковски тактизира, сопартијците на Бошкоски му подготвуваат протест пред затворот. Тие денеска во 11 часот ќе дојдат пред Идризово, зошто се сомневаат дека имало притисоци директорот да не го потпишува решението за ослободување на брат Љубе.
Од партијата изјавија дека имало наредба Бошкоски да се држи во затворот се до завршување на изборите, иако е против правилата кои важат за сите затвореници, и со непотпишувањето се кршат правата на екс министерот за внатрешни работи. Ако се случи тоа ќе биде преседан и Бошкоски незаконски ќе биде задржан во Идризово.
Според изворите на Фактор, приврзаниците на Бошкоски деновиве биле во дипломатска офанзива и за ситуацијата ги известиле амбасадорите на Германија, Холандија, Велика Британија и САД. Во случај директорот на Идризово да не го потпиши решението за отпуст на Бошкоски, неговите сопартијци планираат да постават шатори пред затворот и таму да останат се додека нивниот лидер не излезе на слобода.
4 години без слободен викенд
Љубе Бошкоски за 4 години и 9 месеци колку што е в затвор за случајот позната како „Кампања“, освен на судењата и посетата во Специјалното јавно обвинителство, ниту еднаш не доби слободен викенд. Му беше дозволено само неколку часа да излезе надвор од ѕидините на погребот на мајка му, иако тој неколку пати доставувал молби до управата да му дозволи да ја види додека била жива. Таква можност не доби.
Бошкоски за случајот „Кампања“ спектакуларно беше уапсен ден по изборите на 5 јуни 2011 година и беше осуден на 5 години затвор за нелегални финансиски средства во вредност од 100.000 евра со кои ја финансирал изборната кампања.
Иако Бошкоски е на истекот на казната, сепак на случајот „Кампања“ не му се гледа крајот. Предметот го презеде Специјалното јавно обвинителство, каде Бошкоски од виновен тука е во улога на сведок и оштетен. Тој два пати давал изјава на обвинителскиот тим на Катица Јанева, еднаш во Идризово и еднаш беше спроведен од затворот. Засега се уште нема обвинителен акт од СЈО.
М.Ј.
Слично
