Љубчо Георгиевски: Власта сака да го урне Парламентот!
Луѓето кои управуваат со нашата земја одамна ги поминаа црвените линии и воспоставија тоталитарна држава, Парламентот остана последно место каде што луѓето можат да речат нешто различно и да се спротивстават на националната политика. Она што сега се обидува да го направи владејачката гарнитура со македонскиот парламент е обид да се урне последниот простор за слободно изразување во Македонија, изјави лидерот на ВМРО Народна партија, Љубчо Георгиевски, пред граѓаните кои вечерва во знак на поддршка се собраа пред Собранието на Македонија.
Според Груевски, ова е најлошото време за Македонија во последните 20 години, а се досега никогаш никому на власт не му текнало да преземе вакви мерки за уништување на овој Парламентот. Тој ги повика сите членови на ВМРО Народна партија да дадат поддршка на пратениците.
„Ова е нашата црвена линија на демократија и слободата од која нема враќање. Барањата на пратениците се легитимни. Тие бараат штедење, бараат кратење на буџетот во време кога државата живее од ново во ново задолжување. Има ли полегитимно барање од тоа да се бара скратување на буџетот на луксуз, да не се трошат пари за реклами, спотови други глупости, да не се фрлаат дополнителни пари за споменици. Еднаш треба да се стави крај, мора да се почне со штедење. Тука вечерва со вас има двајца бивши премиери, ние имаме многу мани и слабости но никој не може да ни префрли дека сме ја задолжиле Македонија премногу и во времето на СДСМ и на старото ВМРО, Македонија не била задолжена земја“, истакна Георгиевски.
Тој им се обрати и на сите земјоделци, пензионери, особено уметниците кои, како што рече, дозволија јавно да бидат избањати и повика да престанете да бидат манипулирани од оваа пропагандна власт.
„Во овој момент Македонија има буџет за 2012. Зошто нема субвенции за земјоделците, зошто не се плаќа за ДДВ? Ако продолжиме со вакво нездраво задолжување за многу кратко време сите ќе немаме за плати и пензии. Сега е време да се прекине со оваа нерационална политика за трошење“, рече Георгиевски.
Слично
