ЛП ги охрабрува пратениците да бараат одговорност од Иванов
Според Либералната партија, со својот акт Иванов ги стави политичарите во надредена, „класна“ позиција во однос на сите „останати“ граѓани на Република Македонија.
Со одлуката на Ѓорге Иванов за прекинување на сите кривични постапки против политичарите кои се поврзани со политичката криза и аферата за прислушање, тој директно го прекрши членот 9 од Уставот на Република Македонија, реагираат од ЛП.
„Со тоа, Иванов го прекрши Уставот и создаде вонредна состојба во земјата. Либералната партија оценува дека на овој начин создадени се сите услови за итна седница на Собранието, на која ќе се започне постапката за утврдување одговорност, согласно членот 87 став 2 од Уставот на Република Македонија. Слушнавме дека и ВМРО-ДПМНЕ изрази „фрапираност“, „неверување“ и „несогласување“ со потегот на Иванов, и СДСМ изрази оценка дека потегот е еднаков на „државен удар“. Оттука, Либералната партија ги охрабрува пратениците да пристапат кон отпочнување на постапките за утврдување одговорност на Иванов“ - велат од ЛП.
Од партијата велат дека сега е критичниот момент низ институционална постапка политичкиот процес и надпартискиот консензус институциите, политичарите, партиите, да застанат во одбрана на владеењето на правото. Во спротивно, оваа постапка на Иванов е почетокот на демонтажата на државата и системот, соопштуваат од ЛП.
