Ловиштата одат под концесија со електронска аукција
Јавниот повик за издавање под концесија на вкупно 39 ловишта во 11 региони е во тек, а за првпат годинава концесиите ќе се доделуваат преку електронска аукција, информираат од Владата.
Целта е да се избегне човечкиот фактор во одлуката за тоа кој ќе стопанисува ловиштата. Крајниот рок за пријавување е 18-ти март.
Од вкупниот број ловишта, 26 се за ситен дивеч и тие ќе бидат дадени под концесија на 10 години, а 13 ловишта се за крупен дивеч и за нив концесијата ќе биде 20 години.
„Покрај домашните здруженија на ловци, може да конкурираат и надворешни компании коишто се заинтересирани да го вложат својот капитал во развивањето на ловниот сектор во Република Македонија“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.
Во Македонија има вкупно 264 ловишта од кои досега 204 се веќе дадени под концесија, за 39 постапката е во тек, а за останатите 24 концесијата истекува во 2015 година.
Слично
