„Лопови, лопови!“ ечеше против извршителите пред Владата
Протестот со скандирање „Лопови, лопови!“ против извршителите пред Владата на РМ го одбележе празникот 1 мај - Денот на трудот. Учесниците им порачаа да си ги приберат огромните износи и камати што ги наплатуваат бидејќи синдикатот-организатор ќе започне со конкретни акции. Беше најавено и дека утре до Владата на РМ ќе биде доставен нов предлог кои измени да се воведат во законот за извршители.

- Нашата плата е за нашите деца, немаме намера да храниме туѓи фамилии. Не ви се плашиме. Владата да ве стави во ред, или сами ќе се пресметаме со вас, а начинот на кој што ќе ви се спротивставиме дополнително ќе го соопштиме овие денови. Извршителите се најголемо зло на Македонија. Владата нека избере - или 100-тина извршители, или 100.000 млади луѓе кои поради нив се подготвени да си заминат засекогаш - порача Гоце Тодев.

Додека траеше левичарската химна „Паѓај сило и неправдо“ се пуштаа и снимки од премиерот Зоран Заев и пратеникот Стево Пендаровски, во кои како опозиционери тврдат дека Извршителите ќе бидат укинати и „дека не може за долг од 1.000 денари да се наплатува 11.000“.
- Утре ќе ја предадеме скицата за тоа како треба да изгледа Законот за извршители, а Владата ќе мора да послуша, затоа што ова веке не се трпи - рече Ана Глигорова.
А.К.

