ЛОКДАУНОТ Е МИНАТО: Наместо затворање, Германија го воведува правилото 3Г
Во Германија, во сила е таканареченото правило „3Г“, според кое само оние што се вакцинирани или го прележале коронавирусот или имаат негативен тест за корона можат да влезат на јавни места и други простори. Името "3Г" доаѓа од првите букви од три германски зборови - geimpft (вакцинирани), getestet (тестирани) и genesen (излекувани).
На граѓаните на Германија ќе им требаат картички за Ковид при одење во кино, театри, спортски сали, базени, ресторани, болници, старечки домови и многу други места. Овој нов пристап е сличен на оној што е во сила во Франција и Италија.
„Оние кои не се вакцинирани ќе треба редовно да се тестираат за да спречат ширење на вирусот“, велат владата и федералните држави.
Бесплатното тестирање за коронавирус ќе престане во Германија на 11 октомври, што значи дека луѓето што ги исполнуваат условите за вакцинација, но не сакаат да се вакцинираат, ќе треба да платат за сопствени тестови. Целта е да се убедат луѓето да се вакцинираат против овој опасен вирус, бидејќи Германија очајно сака да го избегне четвртиот бран на пандемијата, која беше поттикната од варијантата Делта на вирусот.
Правилото „3Г“ нема да важи за продавници, бензински пумпи, аптеки, лекари, како и локален и меѓуградски сообраќај. Исто така, постојат посебни правила за влез во хотели и друго сместување. Невакцинираните луѓе ќе мора да покажат негативен тест за време на нивниот престој во хотели и да се тестираат на секои три дена.
Исто така, постојат посебни правила за клубовите во повеќето германски региони. Секој што сака да влезе во клубови или дискотеки ќе мора да направи негативен PCR тест доколку не е вакциниран.
Досега, правилото „3G“ важеше во одредени региони, но сега се проширува на национално ниво и ќе важи низ целата земја. Федералните и државните влади се согласија дека правилото „3Г“ треба да се примени во области каде што седумдневната инциденца на случаи на коронавирус се искачува над 35 случаи на 100.000 луѓе.
Ако ситуацијата е под тие бројки, тогаш државите се слободни сами да одлучат дали ќе го применат ова правило. Сепак, овие мерки, без исклучок, остануваат валидни кога станува збор за посети на болници и домови за стари лица.
Според федералната влада, правилото „3Г“ ќе се ревидира на секои четири недели.
