Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЉУШЕВ ЗА ФАКТОР: 2022 ќе биде година во која „Македонски Телеком“ ќе ја пушти првата комерцијална 5G мрежа

ЉУШЕВ ЗА ФАКТОР: 2022 ќе биде година во која „Македонски Телеком“ ќе ја пушти првата комерцијална 5G мрежа

Има и предизвици, но има и надеж дека годината која е пред нас економијата ќе закрепне и барем ќе се врати на предпандемиските стапки. Бизнисот ги сумира резултатите од годинава што ја оставаме зад нас и крои планови за следната година. Какви се впечатоците и очекувањата, Фактор и оваа година пренесува ставови на познати стопанственици и банкари.

Никола Љушев, Главен извршен директор на „Македонски Телеком“.

Помина уште една година полна со предизвици со кои се соочивме сите – граѓаните, бизнисите и економијата. Пандемијата сѐ уште не стивнува, но искрено се надевам дека ќе има поумерен ефект врз здравјето и животот на луѓето, а заздравувачки ефект врз економијата. Сепак, закрепнувањето ќе оди постепено и со мали чекори под притисок на високата инфлација.

Како на макро, така и на микро ниво, освен со инфлацијата, ќе треба да се соочиме и со енергетската криза, предизвикана од високите цени на енергенсите.

Овие негативни трендови ќе имаат домино ефект врз многу бизниси, да речеме конкретно, во телекомуникациската индустрија, во снабдувањето со електронски компоненти. Но не можеме да очекуваме чудо; последните две години буквално го сменија светот и токму затоа дури и малиот раст е позитивен тренд којшто ни носи оптимизам.

Покрај сите предизвици, годината ја завршуваме со раст и позитивни резултати во сите области на работењето. И според извештајот на АЕК за пазарот на електронски комуникации во третиот квартал од 2021 година, Телеком е лидер во категорија мобилна и фиксна телефонија на пазарот на телекомуникациски услуги во Македонија. Успешните резултати од нашето работење се потврда и поттик да продолжиме со инвестиции во најнапредна технологија и најдобри услуги за корисниците.

Пред нас е возбудлива година како од деловна, така и од корисничка гледна точка. Дефинитивно, 2022 ќе биде запаметена како година во која ќе почне новата индустриска револуција во Македонија. Македонски Телеком со сигурност ќе ја пушти првата комерцијална 5G мрежа. Оваа технологија ќе донесе нова ера не само во технологијата, туку и целосно ќе ни го смени животот. Ќе продолжиме да ги развиваме платформите за паметни градови, особено имајќи го предвид фактот дека 5G ќе го отвори вистинскиот потенцијал на Интернетот на нештата, технологија којашто е основа за паметните градови. Паралелно со ширењето на 5G мрежата ќе продолжиме да ја шириме и оптичката мрежа низ целата држава. Новите технологии коишто ќе бидат во нашиот фокус ќе придонесат за побрза и целосна дигитализација на општеството, но ќе бидат и една од алатките коишто ќе помогнат во борбата против климатските промени.

И наредната година силно ќе се фокусираме да обезбедиме врвно дигитално корисничко искуство, дигитализација на интерните процеси во работењето и дигитализација на бизнисите. Дигиталната трансформација веќе не е само потреба туку најголем приоритет и таа ќе остане како правец во кој ќе се движиме и понатаму.

Во новата година посакувам пандемијата да успорува, а економијата да расте, сите да имаме повеќе време за семејствата и најблиските, баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот, а на Телеком му посакувам да остане лидер и да продолжи да обезбедува врвно корисничко искуство.

Слично

Поврзани вести