Листерија, жолтица, западно-нилска треска, ебола…што е следно?
Успеа ли непотребната паника за присуство на ебола да ги оттргне мислите на јавноста од поголемите давачки, зголемените казни за сообраќајни прекршоци, извештајот на Европската комисија и сè по празната синдикална кошница?
Уште несвесни како мистично се реши ширењето на листеријата, до граѓаните стигна веста за заразната жолтица,а потоа и страотната вест за смртта на британскиот државјанин за кој постоеше сомневање дека починал од смртоносната ебола.
Граѓаните се прашуваат, што е следно?
Еболата, објаснува Универзитетскиот професор, доц. д-р Методија Трајаноски, предизвикува вирусна хеморагична треска, која опфаќа група вируси кои напаѓаат повеќе органи и системи во телото и често е придружена од крвавење. Има 5 типа на ебола, од кои заирската е најсмртоносна, а моменталната епидемија е токму од овој вид. Но, според него, дополнително треба да се знае дека пренесувањето на болеста не е толку едноставно како што се прикажува од нашите доктори.
“ Според американскиот Центар за контрола на болестите, вирусот не може да се прошири ниту во херметички затворен простор полн со луѓе, како што е авионот, освен ако патниците не дојдат во контакт со телесните течности од заразен човек, што важи и за други смртоносни болести за кои што до сега не сме слушнале ни збор. Тоа ни покажува дека потребата за толкава паника од страна на институциите не била потребна, освен ако тие имаат преголема желба да бидат спин доктори, наместо доктори кои ќе ги решаваат проблемите на населението во оваа држава. “Англискиот пациент” што на крај се покажа дека воопшто не бил заразен со вирусот на ебола, можел да зарази и други луѓе кои не беа ставени во смешниов карантин кој веројатно е измислен”-вели доц. д-р Трајаноски.
Според д-р Трајаноски, доколку вака се пласираат информациите за сериозни болести како еболата или други смртоносни вируси, може да се случи еден ден кога ќе има вистинска опасност по животот на населението, никој да не реагира на алармот на државата.
Д-р Алексоски: Внимателно со пласирање на информациите!
Според дел од епидемиолозите, надлежните пред експресно да објавуваат информации во јавноста за сериозни заболувања, како еболата на пример, треба да бидат внимателни и пред се да се консултираат дополнително со повеќе стручни лица кои темелно ќе ја проценат состојбата и ќе го менаџираат проблемот.
Епидемиологот Благоја Алексоски од Институтот за јавно здравје, вели дека иако верува во стручноста и професионалноста на медицинските лица, мерката карантин кога се изрекува во вакви случаи има двојна опасност. Од една страна бидејќи непотврдено се држат изолирани луѓе на местото кадешто постои индиција дека можеби има можност за присуство на вирусот. Со тоа овие луѓе се изложуваат на поголема опасност. И дополнително, додава, потребно e сериозно да се проверат симптомите кои упатуваат на едно вакво заболување.
Според д-р Алексоски, сериозни работи треба сериозно да се разработат и да се пласираат, бидејќи во случајов беше свртено вниманието и на домашната и на светската јавност и не смее да се остава простор на несигурност и брзоплетост. Тоа според него дополнително создава паника кај народот, а паниката е најлошиот и најтешкиот проблем за кој дополнително треба да се интервенира.
“Она што како епидемиолози постојано го апелираме и потенцираме е задолжителната употреба на заштитна облека, маска, ракавици. Основни правила за заштита на медицинскиот персонал и пациентите, кои за жал кај нас честопати не се почитуваат. Докторите и целиот медицински персонал во целиот здравствен систем, од примерното здравство до повисоките здравствени установи, за секоја интервенција треба да внимаваат на медицинскиот кодекс за превенција и секој пациент да го гледаат како потенцијален преносител на заразна болест. Да се реагира превентивно и заштитата да е на максимално ниво, а не откако ќе се дијагностицира или рашири некоја болест?”-вели д-р Благоја Алексоски од Институтот за јавно здравје.
Според изјавите на здравствените власти, Британецот што пред три дена почина во Скопје немал ебола, а причината за смртта ќе се знае дури по аутопсијата за која веќе се почнати процедурите.
За еболата...
Симптомите на ебола вообичаено се: слабост, грозница, болки, дијареа, повраќање и стомачни болки. Други показатели се црвенило по кожата, зацрвенети очи, болки во градите, гребење во грлото, тешко дишење или голтање, и крварење. Симптомите се појавуваат 8 до 10 дена по изложувањето на вирусот,а периодот на инкубација може да трае и до 21 ден. Незаштитените здравствени работници се најподложни на инфекции заради нивните блиски контакти со пациентите за време на третманите. Смртоносни хумани епидемии од ебола се потврдени во следниве држави: Демократска Република Конго, Габон, Јужен Судан, Брегот на слоновата коска, Уганда, Република Конго, Гвинеја и Либерија.Според Светската здравствена организација „не постои специфичен третман или вакцина“ и стапката на смртност може да достигне до 90 проценти. Според статистиките на Центарот за контрола на болести и превенција од 1976 година до денес имало околу 6 000 забележани случаи на ебола, од кои 3,385 починале.
Советот за безбедност на ОН изгласа резолуција, со која го прогласи вирусот на болеста ебола за закана за мирот и безбедноста во светот и ги повика сите земји во светот да помогнат во борбата против епидемијата во Западна Африка.
С.Б.
Слично
