Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЛИСТА НА НАЈСИРОМАШНИ ЗЕМЈИ ВО ЕВРОПА: Каде се Украина и Молдавија, а каде е Македонија?

ЛИСТА НА НАЈСИРОМАШНИ ЗЕМЈИ ВО ЕВРОПА: Каде се Украина и Молдавија, а каде е Македонија?

Македонија лани се најде меѓу десетте најсиромашни земји во Европа, односно рангирана е на 6-та позиција, врз основа на податоците за БДП по глава на жител. Рангирањето го објави Worldatlas. БДП по глава на жител кај нас лани изнесувал 24,300 долари.

Во анализата има опис на состојбата во која се наоѓа Македонија.

„Економскиот раст беше стабилен, но скромен, со просек од околу 2 отсто во последните години. Невработеноста нагло се намали, паѓајќи под 13 отсто во 2024 година откако достигна над 30 отсто на почетокот на 2010-тa (сè уште една од највисоките стапки во Европа). Економијата е заснована на метали, текстил, автомобилски компоненти за европските синџири на снабдување и сè туризам во регионот на Охридското Езеро и областа на Скопје“, стои во анализата.

Moлдавија, Косово, Украина се првите три најсиромашни. На четвртото место е Босна и Херцеговина(БиХ), петта е Албанија, шеста е нашата земја, седма е Белорусија, осма е Србија, деветта е Црна Гора и десетта е Бугарија.


„Јас потекувам од село во Украина, и во минатото во селото имавме средно училиште, две градинки, амбуланта, лабораторија, стоматолог, но тоа беше одамна. Селата замираат и таму и овде и мислат дека тоа е глобален тренд. Јас живеев во Украина во оддалечено село. Таму каде што живеев, платите не можеа да ги покријат трошоците за живот и луѓето имаа и бавчи. Лошите патишта се еден од факторите поради кои умираат селата. Се јавуваат проблеми со логистика, со работните места, тоа е поврзано. Младите си одат, нема деца, се затвораат школи, градинки, болници. Живеев близу граница, во место каде имаше мешани бракови и Молдавија тогаш важеше за посиромашна од Украина. Но, каква е сега состојбата не можам да кажам, затоа што одамна сум во Македонија, работите во Украина многу се сменија. Но, генерално и овде и таму, има луѓе кои ќе работат и две работи, а има и други кои нема да работат и постојано ќе се жалат“, вели Украинка која живее во Македонија.

Друга девојка од Украина која по почетокот на инвазијата живееше во Македонија со месеци, раскажува дека во нејзината земја повеќе можности за работа и просперитет, нудат неколку од поголемите градови. Објаснува дека поради војната сега Украинците почесто работат на далечина. 

„Кога живеев во Скопјe, дефинитивно можев да видам колку е централизирано сè. Се чини дека целото движење и можностите се во Скопјe, додека другите убави градови се оставени со многу ограничени опции, што доведе до тоа многу млади луѓе да ја напуштат земјата. Во Украина, историски имавме сличен проблем со централизацијата околу Киев и неколку други огромни градови. Но, војната всушност целосно ја промени нашата економска географија. Од безбедносни причини, многу бизниси, фабрики и луѓе се преселија во Западна Украина, претворајќи ги помалите градови таму во огромни нови економски центри. Плус, поради војната и Ковид, работата од далечина стана длабоко вкоренета во нашата култура, што помогна малку да се децентрализираат работите. Што се однесува до сиромаштијата, нејзината природа се чувствува поинаква во нашите земји. Во Македонија, таа се чини поструктурна и стагнирана, поврзана со долгорочни економски проблеми. Во Украина, сè во моментов е обликувано од војната. Пред инвазијата, имавме процут на технолошката и услужната индустрија. Денес, сиромаштијата тука е „предизвикана од војната“ - луѓето ги губат своите домови, бизниси или работни места поради борбите. Сепак, постои оваа неверојатна отпорност каде што локалните бизниси се трудат толку многу да се прилагодат и да преживеат. Наоѓањето навистина добра, добро платена работа е тешко и на двете места. Во моментов во Украина, инфлацијата силно погоди и постои огромен јаз помеѓу луѓето кои работат за меѓународни компании или ИТ (и заработуваат во странска валута) и оние кои се потпираат на локални плати“, додава младата Украинка која сега живее во Киев. 

Украинскиот БДП се намали за околу 28 отсто само во 2022 година, што е најостриот едногодишен пад на која било европска економија од почетокот на 1990-тите, стои во описот за оваа земја. Закрепнувањето оттогаш е скромно (раст од околу 5 отсто во 2023 година и околу 3 отсто во 2024 година), но ограничено од континуираното уништување на енергетската инфраструктура, раселувањето на околу 14 милиони луѓе внатрешно или во странство и губењето на пристапот до пристаништата и индустриските региони на исток и југ.

Најмал БДП лани имала Молдавија, 19,700 долари по глава на жител. За оваа земја е наведено дека економијата зависи од земјоделството, при што производството на вино сочинува значителен дел од извозот. Се наведува дека приближно една четвртина од населението на работоспособна возраст живее во странство, главно во Романија, Италија, Русија и Израел. Земјата е на бавен, но видлив реформски пат од 2021 година. Се додава дека отцепениот регион Приднестровје, поддржан од Русија, продолжува да го комплицира фискалното сметководство и снабдувањето со енергија. Инфлацијата достигна врв од над 34 отсто кон крајот на 2022 година по прекините на рускиот гас, но оттогаш повторно падна на едноцифрена бројка.

Инаку, Украина и Молдавија ги почнаа преговорите со Европската Унија(ЕУ), а Македонија уште е со статус кандидат. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести