ЛИСТА НА НАЈБОГАТИ: Еден човек се искачи високо, затоа што другите губеа пари
Форбс вчера ја објави листата на најбогати луѓе на светот.
На врвот се задржаа сопственикот на Амазон, Џеф Безос со 131 милијада долари, втор е основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс со 96, а инвеститорот Ворен Бафет е на третото место со 82 милијарди долари. Основачот на Фејсбук, Марк Зукерберг е на осмото место.
Претседателот на САД, Доналд Трамп забележа скок од 51 место на листата на најбогатите.
Богатството на Трамп се проценува на 3,1 милијарда долари и е исто како лани. Трамп се наоѓа на 715 место на најбогати луѓе на светот за 2019 година. Тој напредувал на листата затоа што другите изгубиле богатство.
Магазинот пишува дека годинава рекордни 993 милијардери го изгубиле своето богатство. Моментално на светот има 2153 милијардери или за 55 помалку од 2018.
Целокупното богатство на милијардерите изнесува 8,7 билиони долари, помалку во однос на лани кога имаа 9,1 билиони. Ова е прв пат да се забележи пад на богатството на милијардерите од 2016 година или втор пат за оваа декада.
