ЛИСТА НА ДОЛЖНИЦИ: УЈП со нов „црн список“-Еве кој најмногу должи !
Државни и јавни претпријатија, приватни фирми од различни дејности, медиуми, физички лица, комунални претпријатија, компании во стечајни постапки, се најдоа на “црната листа” на должници што ја објави Управата за јавни приходи на стартот на новата 2016 година.
Се работи за долгови доспеани до 30.09.2015 и неплатени до 31.12.2015 по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини за кои вкупниот износ на долгот е повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојни вршители на дејност и повисок од 300.000 денари за правните лица.
Од УЈП велат дека е можно дел од фирмите на листата да имаат блокирани сметки, а некои не, бидејќи зависи се зависи од големината на даночниот обврзник и од видот на даноците, а кај големите даночни ообрвзиници и еден месец да доцнат со плаќањето ќе се најдат на листата.
Нема некои позначајни промени во листата на должници.
И понатаму како најголем должник на врвот на листата е компанијата “Ел Дон Кастило Ангел Д.О.О Е. Л, Скопје”, која веќе неколку месеци по ред е прва на листата на должници. Веднаш зад неа со слична сума на долг е компанијата ”Индустрија Ел Азтека д.о.о. Скопје“. Токму овие фирми во јавноста беа поврзувани со името на Ангел Кастиљо, кој беше обвинет дека го оштетил буџетот за 5,5 милиони евра.
Во првата десетторка како должни на УЈП се и јавните претпријатија Македонски шуми и Македонија Пат, а друштво им прават и Македонска радио телевизија, тетовски и гостиварски Комуналец и Хедис.
Структурата на фирмите должници е различна. Доминираат градежните фирми, тутунски компании, но има и аптеки, фармацевтски компании, винарии, приватни поликлиники, бутици, кафулиња, дискотеки, кафеани, хотели, фирми за консултантски услуги, фирми во стечајни постапки, агенции за обезбедување и слично.
Од УЈП објаснуваат дека листата која е во согласност со Законот за даночна постапка, е со цел да се зајакне даночната дисциплина и да се заштити буџетот.
Ваква листа на должници УЈП објавува еднаш во месецот, најдоцна на 10-ти, на која се објавуваат само имињата на должниците, не и на оние кои навреме си ги подмируваат обврските кон државата. Законот за даночна постапка се донесе кон крајот на 2013-та година, а првата “црна листа” на должници УЈП ја објави во јуни минатата година.
Целосната листа на УЈП може да ја видите тука.
