ЛИМИТИРАН ЈАВЕН ДОЛГ: Дали Уставните измени ќе ја подобрат финансиската дисциплина ?
Со Уставните измени се предвидува лимитирање на јавниот долг до 60 отсто Бруто-домашниот производ и на буџетскиот дефицит до 3 отсто. И за овој амандман експертите се со поделени ставови. Според професорот Трајко Славески, ограничувањето е добро за домаќинско работење, но посочи дека има нејаснотии во амандманот што може да доведат до манипулации со износите.
- Сметам дека ограничувачките проценти се добро одбрани, овие проценти се како стандардот на ЕУ. Но имаме пресметка на дефицитот на база на плаќања, а не на создадени обврски. Тука може да има значајни разлики меѓу прикажаниот и вистинскиот дефицит во финансиска смисла на зборот. Може да се создаваат и невидливи дефицити, ако ја запоставувате инфраструктурата во државата. Тоа е дефицит кој треба да го надоместат идните генерации, изјави Славески.Дел од експертите посочија дека лимитирањето на овие економски параметри е европска пракса.
- Членките на ЕУ по кризата пристапија кон Уставни измени во функција на ограничен буџет. Ова не е нов правец и во Уставите на другите земји. Тоа може да се протолкува како домаќинско работење, изјави професорката Силјановска.Дел од експертите укажаа дека во текстуалниот дел треба точно да се прецизира на кој јавен долг се мисли, на вкупниот или на Централната влада.
-Да ни дадете појаснување, за јавниот долг, не е образложено на кој јавен долг се мисли. Дали на јавниот долг на централната влада или вкупниот јавен долг, рече Сејфула Агиф Османи, универзитетски професор.Во амандманот се предвидува во исклучителни ситуации Владата да може да отстапи од фискалните ограничувања. Како такви ситуаци се наведуваат природни катастрофи и екстерни шокови кои влијаат на загрозување на националната безбедност, здравјето на луѓето или во случај на значителен пад на БДП. Ваквите ситуации како што стои во образложението ги утврдува Собранието со двотретинско мнозинство. Утврдените фискални правила ќе почнат да се применуваат од 1 –ви јануари 2017 година. Освен финансиските зони и лимитирањето на јавниот долг и дефицитот, во економскиот дел од Уставните измени е преименувањето на Народната банка. Останатите Уставни измени се однесуваат на дефинирање на бракот како заедница само меѓу еден маж и една жена, се воведуваат новини во надлежноста на Уставниот суд, како уставна жалба, изборот на членовите судскиот Совет, а уставно е дефиниран и Државниот завод за ревизија. Во следниот период се предвидени уште неколку експертски дебати, по што ќе се знае кои забелешки ќе се прифатат и дали амандманите ќе претрпат измени. Деновиве забелешки за сите седум амандмани до министерот за правда Аднан Јашари, упати Венецијанската комисија. Неофицијално, како најспорни комисијата ги посочила двата амандмана кои се однесуваат на регулирање на бракот како заедница меѓу маж и жена и вонбрачната заедница,како и петтиот амандман кој го регулира формирањето на финанасиска зона. Уставните измени треба да бидат донесени до крајот на октомври. Ј.С
Слично
