ЛИМИТ ЗА АДМИНИСТРАТИВКИТЕ: Забранети подароци поскапи од 1000 денари
Вработените во јавниот сектор не смеат да примаат скапи подароци за 8-ми март. Според новиот закон за вработените во јавниот сектор, учителките, докторките и сите жени во администрацијата не смеат да примаат подароци поскапи од 1000 денари.
Буџетарите не смеат да примаат подароци поврзани со нивната работа, не само за Меѓународниот ден на жената 8 Март туку воопшто.
Според законот, од една иста личност вработените во јавниот сектор можат да примат подарок од пониска вредност најмногу трипати во годината, а вкупната вредност не смее да биде над 3 000 денари.
Забраната важи и за сите даватели на јавни услуги: вработените во здравството, културата, во полицијата, војската, царината, во градинките, социјала. Исто така, важи и за сите вработени во локалната власт и во јавните претпријатија.
Доколку утре, за 8 Март, децата или нивните родители инсистираат учителката да прими скап подарок, тогаш таа ќе може да го земе, ама нема да смее да го носи дома.
Скапите подароци ќе треба да останат во училиштето. Школите и сите други буџетски институции ќе треба да водат посебна евиденција на сите примени подароци, нивната вредност, како и од кого е подарокот.
