ЛИФТОВИТЕ ВО ВИЛА ВОДНО И ВИЛА БИЛЈАНА ВО ДЕФЕКТ: Една од фирмите која доби тендери за сервисирање е отворена лани, досега земала 15 јавни набавки
Трите лифтови во Вила Водно и еден од двата во Вилја Билјана во Охрид се во дефект, покажуваат информациите кои во тендерската постапка за барање на сервисери ги доставила владината Служба за општи и заеднички работи.
СОЗР во набавката бара сервисери за 32 лифтови во девет државни згради: Министерството за економија, Владата, зградата на МРТ, поранешната зграда на НИП Нова Македонија каде сега има повеќе државни институции, Поранешниот објект на КБ, ДИ-ЈА, ФДУ, но и Вила Водно и Вила Билјана – Охрид. За ниту еден, освен за четирите во Вила Водно и Вила Билјана, нема забелешка дека се во дефект, иако претходно, многу често се случуваше и лифотивте во МРТ да не бидат во функција со месеци.

За сервисирањето, СОЗР тендерот го подели на пет делови. За лифтовите тип Отис и Маклифт, избрана е фирмата „Маклифт Живко“ од Скопје, која постои од 1990 година и има 11 вработени.

Три други делови, за сервисирање на лифтови тип Раде Кончар, Елевком, Оскар, Радник, Биофиал, Мак Пуарса и Клеман, најниска понуда дала новоотворената фирма на „Сезал“ - „Сезал Зоран“, која е отворена лани во јули и според последните достапни податоци има двајца вработени.
Фирмата првиот тендер го добила три месеци по основањето, односно во октомври, за сервисирање на лифтовите во ГОБ „8 септември“. Годинава, има уште 14 тендери од повеќе државни институции, без да се сметаат трите делови од тендерот на СОЗР за кои беше избрана вчера.
За лифтовите од типот Шиндлер, какви што има во зградата на МРТ, но и каков што е патничкиот лифт во Вила Билјана – Охрид, кој се уште е во функција, не е најдена фирма која ќе ги поправа.
Сумите за кои овие две фирми ќе ги поправаат лифтовите под капата на Службата за општи и заеднички работи не се знае – ќе биде објавена кога СОЗР ќе ги достави потпишаните договори на веб страната на електронскиот систем за јавни набавки.
На почетокот на годинава, „Сезал Зоран“ има потпишано три дела од една набавка на СОЗР за одржување и сервисирање на лифтови во вкупна вредност од над 2.383.000 денари.
Александар Тодески
