Лидерите го трчаат последниот круг од маратонските преговори
Македонските политичари денеска седнаа на маса, обидувајќи се да го завршат финалниот круг на маратонските преговори.
Работните групи на четирите политички партии , пак се обидоа да се договорат околу спорните прашања за Законот за Влада, законот за бомби и за таканаречените свиркачи, како и за Анкетната комисија.
Главен проблем се и ингеренциите на министерот за внатрешни работи. Тој треба да биде избран на предлог на СДСМ одобрен од другите партии.
Преговорите претходно заглавија кај тимот на специјалната обвинителка, бидејќи немаше компромис за целосниот состав.
По надминувањето на овој проблем, преговарачите се вратија на маса со останатите отворени прашања, за кои уште нема компромис.
Доколку деновиве партиите се договорат, веднаш законите ќе влезат на усвојување во Собрание, со што би се тргнало од мртвата точка на преговорите и би се овозможило да се реализираат преостанатите точки од договорот од Пржино.
Следна обврска од договорот од Пржино е оставката на премиерот Никола Груевски, со што се отвораат и услови за подготовка на предвремените избори закажани за 24 април идната година.
