ЛГБТИ на протест: Од Обвинителство бараат расветлување на нападите врз нивни активисти
Невладини организации и поддржувачи на ЛГБТИ заедницата во Македонија денеска протестираа пред зградата на Јавното обвинителство, барајќи од институциите да ги расветлат нападите врз нивни активисти.
Се бара од надлежните да ги пронајдат напаѓачите на кафулето „Дамар“ во Старата скопската чаршија, кои минатиот месец повредија неколку луѓе за време на одбележувањето на двегодишнината од отворањето на центарот за поддршка на ЛГБТИ заедницата.
„Ниедна од институциите не се одважи досега да даде одговор, да го испочитува минималното достоинство на оние кои го побараа. Ние повеќе немаме намера да бидеме безгласна буква и да им читаме барања не оние кои ги нулираат“, изјавија учесниците на протестот кои го блокираа влезот пред обвинителството.
Не дозволуваа во зградата да влезат ниту службениците, ниту граѓаните кои имаа приватни обврски, објаснувајќи им да почекаат протестот да заврши, бидејќи тоа е нивно уставно право.
Јавниот обвинител на Македонија Марко Зврлевски вели дека е преоптимистично да се очекува дека сторителите можат да бидат пронајдени за еден месец.
„По однос на тоа дали се преземаат дејствија, секако дека се преземаат во рамките на оперативните задачи што ги добиле надлежните служби од Јавното обвинителство и по добивањето на спроведените и завршените постапки Јавното обвинителство ќе одлучи во рамките на роковите кои ги има согласно законот“, вели тој.
Организациите најавија дека протестите пред институциите ќе ги продолжат секоја недела додека не се пронајдат одговорните.
Слично
