„Левица“:Сите седум барања мора да се исполнат
Нашите барања не завршуваат со повлекувањето на аболициите, реагираат денеска од „Левица“.
Велат дека сите седум барања на „Протестирам“ мора да се исполнат за Македонија конечно да добие шанса да се врати во правилниот колосек. Според нив, не треба елитите, зад затворени врати, да ни ја кројат судбината и резултатот од сето тоа повторно да бидат половични решенија како лани.
„За фер и демократски избори, неопходен е и нов договор, кој нема да биде врзан со рокови, туку со исполнување на услови. Неопходно е и да се прочисти избирачкиот список, да се направат реформи во медиумите, да се одвојат партиите од државата, да се направат дополнителни измени на Изборниот законик – со прогласување на РМ за една изборна единица, како и ограничување на финансиите кои можат да се трошат за време на изборна кампања. Со други зборови, потребно е намалување на влијанието на крупниот капитал врз политичките партии. Таков договор не би можел да се реализира преку техничка влада која фактички би била контролирана од ВМРО-ДПМНЕ“ - стои во соопштението на „Левица“.
Додаваат дека искуството од Пржинскиот договор тоа го потврдува. ВМРО-ДПМНЕ, особено со Никола Груевски на чело, нема легитимитет да организира кредибилни избори, сметаат од „Левица“. Инсистираат на преодна експертска влада која ќе има мандат да организира фер и демократски избори.
Ако преговорите не резултираат со ваков договор, протестите ќе продолжат.
