Левица:Не одете на контрапротести, заштитете си го достоинството
Од Левицата велат дека периодов е многу важен за земјава, при што или ќе следи слобода и подобро утре или над Македонија ќе се надвисне сивило и диктатура.
Во овие мигови сите ние, граѓанки и граѓани на Македонија, создаваме историја, за добро или за лошо, велат оттаму.
„Упатуваме повик и до оние што директно стенкаат под партиската контрола на ДПМНЕ, оние кои властодршците ги злоупотребуваат за свои потреби. Покажете и вие достоинство и самопочит! Можете! Ве принудуваат да одите на контрапротести, да ги слушате досадните говори, излитени до крај, на луѓе кои бесрамно и’ слугуваат на врхушката која ја искраде нашата заедничка земја. Најдете прилика, најдете начин да го покажете својот непокор. Не се појавувајте на контрапротестите, ако мислите дека мора да прифатите да ве довлечкаат до Скопје, не одете на контрапротестот. Фаќајте „кривини“ на кој било начин! Заштитете си го достоинството, честа, вашите права како човечки суштества! Имајте предвид дека ова е борба за слобода и дека вас ве принудуваат да бидете на спротивната страна на барикадата. Што ќе им кажете на вашите деца, внуци, што сте правеле вие во текот на борбата за слобода?“ - велат од Левица.
Особено ги повикуваат работниците и нивните синдикати да не стојат настрана во оваа борба за слобода и социјална правда. Ако на овие бројни и масовни протести се придодадат и штрајкови, тогаш режимот ќе биде на колена! Особено е важно работничкото незадоволство во јавниот сектор, додаваат од Левицата.
