Левица: Власта ја претвора инфлацијата во нов данок на сиромаштијата
Левица преку соопштение обвинува дека актуелната влада предводена од коалицијата ДПМНЕ – ЗНАМ – ВРЕДИ ја претвора инфлацијата „во нов данок на сиромаштијата“. Според соопштението, македонските граѓани се соочуваат со највисоки трошоци на живот во последните години, иако Владата тврди дека инфлацијата е под контрола.
Левица се повикува на официјалните податоци за октомври, според кои цените се зголемени за 5,17 проценти во споредба со истиот месец лани. Најголем раст има кај храната и безалкохолните пијалаци – 7,25 проценти, како и кај рекреацијата и културата – 7,85 проценти.
Партијата оценува дека ваквата динамика на цените покажува дека инфлацијата не е привремена ниту само „увезена“, туку резултат на, како што наведуваат, слабата институционална регулација, недоволната економска координација и отсуство на конзистентни антиинфлаторни политики.
Левица ја критикува Владата дека не донела трајни мерки за заштита на стандардот на граѓаните, додека корпоративните профити растат, а реалната плата заостанува зад инфлацијата. Според партијата, тоа значи дека работниците секој месец се реално посиромашни.
Во соопштението се додава дека без јасна стратегија за справување со инфлацијата, државата ќе продолжи да се соочува со нови поскапувања и раст на економската нееднаквост. Левица апелира приоритет да биде економска политика која ги штити граѓаните, наместо „интересите на малкумина“.
