Левица: Недозволиво е финансискиот директор на ЕСМ да биде политиколог
Левица упати критики до раководството на АД ЕСМ за, како што велат од таму,поставување на политиколог за финансиски директор на електростопанското друштво кое лани направило загуба од 123 милиони евра, а во првиот квартал од годинава - 45 милиони евра.
„За Левица е скандалозен фактот што директорот за финансии во АД ЕСМ, Иван Стојановски е дипломиран и магистриран политиколог и оттаму јасни се сомнежите за неговата компетентност и стручност да го менаџира финансиското работење во ова стратешко важно претпријатие. Дел од “блескавите” резултати на директорот за финансии - Стојановски за минатата 2024 година се зголемените трошоци за надоместоци за директори и членови на управните одбори, за дури 50 отсто споредбено со 2023 година!“, реагираат од Левица.
Од таму имаат и забелешки на задолжувањата што во изминатиот период ги договорија „Електрани“ со домашните банки.
„Освен задолжувања на ЕСМ со скапи кредити по повисоки стапки од унгарскиот кредит, очигледно ниту директорот за финансии - политиколог нема во догледно време да ја стабилизира финансиската состојба во ЕСМ и очекувано е финансиските резултати на крајот од 2025 година да бидат уште позастрашувачки за најзначајната енергетска компанија“, додаваат од опозициската партија.
