Левица: Дракслмајер планира следната година да отпушти 2.000 до 3.000 работници
Левица објави дека Дракслмајер планира следната година да отпушти 2.000 до 3.000 работници, откако денеска во Владата беше потпишан договор за државна помош со странскиот инвеститор за нова инвестиција во Кавадарци и Куманово во вредност од 16 милиони евра, која треба да донесе околу 1.000 нови работни места
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи соопшти дека потпишувањето на овој договор за нова инвестиција на германската компанија е уште една потврда за партнерскиот однос кој Владата го гради со компаниите кои функционираат во земјата, како и за поволната бизнис клима која поттикнува нови инвестиции и развој на компаниите.
„Компанијата ќе добие поддршка во форма на ослободување од данок на личен доход за новите вработувања во компанијата, односно за оние кои ќе бидат дел од овој проект, за период до 10 години, како и ослободување од данокот на добивка кој се однесува на новиот инвестицискиот проект, за период од 10 години. Исто така ќе се изврши исплата кон Дрекслмајер во форма на готовински грант во износ од 10% од износот на оправданите инвестициски трошоци, но не повеќе од 1.000.000 евра, на годишно ниво, за максимум пет години, како и исплата форма на готовински грант во износ од 2.000 (две илјади) евра, по вработен, за креирање на нови работни места, а особено е важно што оваа поддршка се однесува за оние работни места, за кои континуирано се исплаќа месечна нето плата повисока за најмалку 50% од висината на минималната нето плата пропишана со Законот за минимална плата на Република Северна Македонија“, потенцираше вицепремиерот.
Битиќи изрази задоволство со тоа што со овој инвестициски проект дополнително ќе се влијае на зголемување на извозот во нашата земја, а поради тоа што воведување на нова производна линија во погонот во Кавадарци и отворањето на новиот производствен погон во Куманово, ќе отворат нови можности за граѓаните од овие општини, но и ќе влијаат на локалниот економски развој.
Левица пак вели дека, како што гласи денешното соопштение, по анонимни дојави од повеќемина поранешни и сегашни вработени во фабриката Дрекслермаер, лоцирана близу Кавадарци (ДММ), дојде до сознанија дека, во оваа компанија бројот на вработени во изминатиот период од околу една година е драстично намален - за околу 1000 луѓе. Односно, од поранешни околу 6000 вработени, сега се останати околу 5000, а овој тренд на намалување на вработените и понатаму продолжува со дополнителни отпуштања и непродолжување на договори за вработување на определено време.
„Дополнително, ни пристигаат информации дека носечкиот проект во ДММ “Ц класа W205, GLC253“ е во план да се заврши до крајот на оваа 2021 година, а по завршувањето на тој проект бројот на вработени во наредната година ќе се намали за дополнителни 2000-3000.
Владата, или општинските органи наместо да застанат на страна на работниците, си прават ПИ-АР кампања за наводни инвестиции и отворање на нов погон. Сето ова, додека до нас секојдневно пристигаат информации дека во оваа компанија често не се почитува Законот за работни односи на Република Македонија. Има доста вработени, кои биле повеќе од цели 5 години во непрекинат работен однос, но се’ уште немале добиено договор на неопределено и во заводот за вработување се’ уште се водат со договор на определено. Од друга страна пак, на голем дел од вработените не им било дозволено да користат годишен одмор во непрекинато траење од најмалку 2 недели во текот на претходните години пред пандемијата“, велат од Левица.
Компанијата Дрекслмајер е светски познат бренд во автомобилската индустрија, со главна дејност производство на кабелски сетови (комплетни електрични системи), а помеѓу нивните клиенти има многу кои припаѓаат на топ 100 автомобилски добавувачи, како што се Audi, BMW, Bugatti, Cadillac, Jaguar, Lamborghini, Land Rover, Maserati, Mercedes-Benz, MINI, Porsche и Volkswagen. Оваа компанија е присутна во нашата земја од 2012 година и е еден од најголемите работодавачи во земјата.
Денеска беше кажано дека со новата инвестиција се планира зголемување и проширување на производствените капацитети и опрема за потребите на проектот на Mercedez-Benz, E-Class во постоечкиот производствен погон во индустриската зона Телот во Кавадарци и зголемување на производствените капацитети со нов производствен погон и опрема во Куманово за потребите на нивните клиенти Mercedez-Benz и BMW за проектите E-Class, G-Class и BMW CLAR WE.
