ЛЕТУВАЊЕ ВО СЕПТЕМВРИ: Поевтин одмор без турканици на плажите
Пријатните септемвриски денови ќе натераат многумина кои веќе биле на летување да испланираат уште еден одмор во овој месец. Туристичките агенции за сите нив подготвија атрактивни понуди, но и продолжени викенд- аранжмани за државниот празник 8- ми Септември, кој оваа година се паѓа во петок.
Ако во минатите години Македонците традиционално заминуваа на годишен одмор во јули и август, во последно време се почесто уплаќаат аранжмани за јуни или септември бидејќи во овој период од годината цените се пониски од 30 до 50 отсто во зависност од дестинацијата. На излозите на туристичките агенции веќе можат да се видат излепени плакати со понуди за седумдневен престој во познатите туристички места на Егејското Море по цена од 100 евра, а пакет- аранжманите за Турција, Шпанија, Италија се намалени до 500 евра.
- Се побарани се аранжманите во септември, особено во блиските туристички места во Грција, кои ги нудиме со посебни попусти и вонсезонски цени.Најдобар доказ за тоа е дека речиси се продадени сите соби кои ги имаме закупено во познатите одморалишта на егејскиот брег за групите кои тргнуваат на 2. и на 9. септември. Цените се до 50 отсто пониски во споредба со шпицот на сезоната, во јули и во август, а сместувањето е бесплатно за трето и четврто лице- вели Стефан Ристовски од агенцијата „Балкан турист“ од Кавадарци.

Идеална клима
Туристичките работници велат дека одморот во септември е идеален за оние што сакаат да ги избегнат гужвите и да имаат малку поопуштен одмор. Според нив, во прилог на туристите се и климатските услови, бидејќи во овој период од годината времето не е топло како во јули или август.
- Септември станува се поактуелен термин за летување. Нашите клиенти веќе се научија дека ако го испланираат и резервираат летниот одмор порано, тогаш можат да добијат и соодветен попуст. Затоа, голем дел од аранжманите за септември беа продадени веднаш, уште на почетокот на годината кога за прв пат ја претставивме овогодишната понуда по цена од едно евро за ноќевање. Структурата на муштериите е шаренолика, најчесто се повозрасни граѓани, пензионери или фамилии со претшколски деца- вели Ана Крстевска Каламадевска од туристичката агенција „Савана“.
Септемврискиот одмор не носи само заштеда на цената на аранжманот, туку вообичаено се е поевтино во местата за летување, како лежалките на плажа, изнајмувањето реквизити, бродски тури, пијалоци и јадење во ресторани, бродски тури и слично.

Пониски цени и во домашните летувалишта
И во домашни туристички места од 1 септември цените во рестораните, хотелите и во приватното сместување се пониски од 20 до 30 отсто. Во Дојран велат дека очекуваат добра посетенот и во текот на септември и во првите есенски денови. Благата клима во овој дел од земјата овозможува уживање во езерските води се до почетокот на октомври.
Цените во туристичките места зависат и од денот во неделата. Така, престојот за време на викенд деновите по правило е поскап отколку одморот во текот на работните денови.
- За нашите гости подготвивме специјална понуда за септември. Ако изнајмат апартман од понеделник до петок, односно пет пансиони, ќе платат само за четири дена. Петтиот е бесплатен, односно даваме попуст од 20 отсто. Редовната цена важи само за викенд деновите- вели Петре Стојанов, кој нуди приватно сместување.
Продолжени викенд- аранжмани за 8 Септември
Оваа година државниот празник 8 Септември се паѓа во петок, што значи споен викенд и можност за ново „полнење на батериите“ по летниот одмор.
- Во овој период од годината, по летните одмори и поради започнувањето на училишната година, посебно се интересни викенд- патувањата. Најчесто се бараат поблиски локации, повторно најпродавани се аранжманите за Грција, а голем интерес има и за бањските и планински одморалиштата во Бугарија. Послабо се бараат подалечни дестинации, за нив интересот расте во следните месеци, откако ќе помине еуфоријата од летните одмори, а клиентите ќе ги стабилизираат домашните финансии - вели Крстевска Каламадевска.
(М.Б.)
