Лекарите шокирани: им требаат 100 илјади евра за специјализација во Македонија!?
Сакаш да станеш лекар – специјалист, заложи си ја куќата или станот. Ова е дилемата пред која се соочени стотици општи лекари од Македонија соочени со регулативите во новиот Закон за здравствена заштита. Група лекари од Прилеп и Битола се обратија до редакцијата на Фактор, и велат дека за да склучат договор за специјализација со домашните клиники, им било побарано да потпишат меници од стотина илјади евра, која ќе биде гаранција дека по специјализацијата ќе останат да работат во Јавната здравствена установа.
Според законот доколку специјализацијата трае 5 години, лекарот во Јавното здравство треба да работи најмалку десет години, но и да плати надомест доколку по негова вина ја напушти клиниката. Во законот не е прецизирано колку е таа одштета, освен што пишува дека сумата не може да биде помала од десеткратен износ на вредноста на специјализацијата што ја плаќаат здравствени работници вработени во приватна здравствена установа. Лекарка од Прилеп која сака да ја задржи анонимноста за Фактор вели дека во пракса за специјализација во зависност од областа им било побарано од 80 до 100 илјади евра.
„Ние бевме шокирани од побараните суми кои треба да ги оставиме како депозит. Значи јас треба да ја заложам куќата, и да ја оставам како залог во траење од 15 години. Од каде да знам што ќе ми се случи во тој период и дали директорот на установата нема да ме избрка од работа поради икс причини. Така ќе останам и без куќа и без работа“ – вели Лекарка од Прилеп.Лекарите сведочат дека со новите регулативи не биле целосно запознаени ниту правниците од клиниките, кои кревале раменици кога требало да им објаснат за паричните депозити кои требало да ги приложат. Правници меѓутоа им посочиле дека депозитите кои клиниките ги бараат како гаранција за специјализацијата се најголеми во македонскиот правен систем и се поголеми, од на пример гаранциите кои на судовите ги оставаат дилери на дрога. Неинформирани лекари не знаат што потпишуваат ? Лекарите од Прилеп и Битола велат дека десетици нивни колеги сега не потпишуваат договори за специјализација откако ги дознале сумите кои треба да ги остават како депозит. Сепак велат дека одредени лекари ги потпишуваат договорите не разбирајќи што значи оставање на меница и од неинформираност ги прифаќаат новите услови. Но лекарите укажуваат на уште една аномалија при примената на законот, млади лекари веќе почнале специјализации на клиниките во Скопје без да потпишат договори, и сега работат без правно регулиран статус.
„Ние сакаме да специјализираме, но овие услови се како да потпишуваме ропство, ако сакаат да го спречат одливот на кадар од јавното здравство треба да најдат друг начин, а не вака“ – вели Лекарка од Прилеп.Претседателот на Македонското лекарско друштво Јован Тофовски вели дека не е запознаен со сумите кои се оставаат како депозит, но додава дека и времето за кое се обврзани лекарите да работат по завршените специјализации е спорно.
„Не знам за сумите денес, порано се одредуваше дупло време за работа од завршената специјализација но тогаш тоа падна на суд. Сега можеби нема да падне но за понатаму не се знае. Сега на пример тие што одат во Германија еден месец на едукација на сметка на државата потпишуваат дека 3 години нема да напуштат работа, ако оди два месеца тогаш се обврзани да останат 6 години“ – вели Јован Тофовски, претседател на Македонското лекарско друштво.Иако упативме прашања, Фактор не успеа да добие став од Министерството за здравство за начинот на одредување на сумата која треба да се остави како депозит. Од министерството не одговорија врз кои критериуми клиниките бараат гаранции во висина од стотици илјади евра. Лекарите кои го контактираа Фактор велат дека доколку сите лекари станат свесни за висината на депозитите кои треба да ја остават, тоа ќе предизвика широки потреси во процесот на специјализација. Ние се плашиме дека вака ќе се закочи целиот процес на создавање на нови кадри во Јавното здравство. Ако колегите знаат дека треба да го заложат станот за специјализација и работа со мизерни плати и во несигурни услови, не знам колку од нив ќе се решат на ваков чекор – велат за Фактор лекари од Прилеп и Битола. С.Р.
Слично
