ЛДП: Премиерот дозволи за една година 300 милиони евра да “избегаат“ од државата!
Од Либерално демократската партија денеска посочуваат дека Владата на премиерот Никола Груевски дозволила за само една година, безмалку 300 милиони евра да “избегаат“ од државата.
„Наместо остварените дивиденди на странските инвеститори да се реинвестираат во Р. Македонија, тие се одлеале по светот. Овој непобитен факт, за лошо водената економската политика од страна на Владата, го потврдуваат податоците на Народната Банка на Македонија, каде јасно стои дека од државата ланската година се одлеале 281, 8 милиони евра, по основ на остварените дивиденди на странските инвеститори“, потенцираат од оваа партија.
Имено, ЛДП смета дека овој загрижувачки факт ја разбива розовата слика што Владата ја проектира во јавноста, за наводната поволна бизнис клима, бидејќи ако навистина е така, тогаш зошто странските инвеститори не ја препознале, па остварената добивка да ја вложат повторно во Македонија?
Либерално- демократската партија јавно бара одговор од Владата, кои се причините што странските компании, остварениот профит не го реинвестираат во Македонија, туку го транферираат во матичните компании во странство?
Која е причината што странските инвеститори не изразија интерес да го прошират својот обем на работа во Македонија?
„Факт е дека одлеаните средства од државата се безмалку еднакви на новите странски инвестиции, за кои се одвоени огромни буџети за промоции, реклами во странски медиуми, лобисти, роуд шоу-а, трошоци за патувања и се’ тоа од парите на граѓаните.
Овие потрошени средства никогаш не беа јавно презентирани“, истакнуваат од ЛДП.
Од таму ЛДП смета дека одлевањето на 281, 8 милиони евра од Македонија е уште еден јасен показател за лошите и неуспешните економски политики на Владата.
