ЛДП бара Јанева да го презеде случајот „Диво насеље“
Либерално-демократската партија бара Специјалното јавно обвинителство да ја преземе надлежноста за случајот „Диво насеље“.
Од партијата сметаат дека единствено така ќе бидат расчистени сите нејснотии и контроверзии во јавноста. „Поставуваме директни прашања до дополнителниот заменик министер во МВР, Митко Чавков: Дали имало директни врски меѓу вооружената група со македонски безбедносни агенции, информации што ги објавија медиумите во Косово, или преведено на наш јазик дали имало врски меѓу вооружената група и луѓе од фамилијата на власт? Како е можно да се внесе толкаво количество оружје и муниција во густо населена градска населба, со оглед на поврзаноста со претходниот инцидент во Гошинце? Зошто само три дена по полициската акција во Диво насеље, која власта ја оцени како успешна, оставка дадоа првите луѓе на МВР и УБК, Јанкулоска и Мијалков? Зошто ВМРО-ДПМНЕ својот тогашен конгрес првично го закажа за 9ти мај во Куманово, па потоа го промени датумот на негово одржување? Зошто и покрај барањата на дел од соседните земји и претставници на меѓународната заедница токму Вие не дозволивте меѓународна истрага за Куманово, правдајќи се дека се е во рацете на обвинителството“ - рече денеска на прес-конференција на портпаролот на ЛДП, Филип Јаневиќ. ЛДП е убедена дека „сваровски судството“ не може да даде епилог за овој случај. Македонија заслужува да знае што се случи на 9-ти мај во Куманово, кои се нарачателите и инспираторите на оваа аккција, и зошто и како загинаа осумтемина припадници на безбедносните сили, а 30-тина беа повредени, додаваат од ЛДП.
