Лажни лични карти се издавале и во домови на државни функционери
Министерството за внатрешни работи откри нови адреси на кои незаконски се издавале лажни лични карти со кои подоцна се гласало на избори.
Од МВР информираат дека на адреси на функционери од други градови биле издавани десетици лични карти.
Дваесетина гласачи од Пустец, бие регистрирани во домот на раководителот на подрачниот ЦУК од Ресен. Лажни гласачи биле регистрирани и на адресата на директорот на гимназијата во Кичево. Таму незаконски им биле издадени лични карти на 18 лица, кои потоа гласале на изборите во 2011 и 2013-та година.
Претходно пак, МВР откри станови на кои кои според Избирачкиот список би требало да живеат десетици гласачи од Пустец. Освен по Рузвелтова 64, откриени и станови на адресите Васил Ѓоргов 2 и Максим Горски 25 во Скопје.
На еден од становите се воделе дека живеат 30-тина луѓе од Пустец, но по проверката се покажало дека таму долго време не живее никој.
Инаку, пред неколку дена, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски откри дека, МВР во времето на министерката Гордана Јанкулоска, издало 424 лажни лични карти на лица од Пустец, кои подоцна гласале во општина Центар.
Спасовски информира дека лажните гласачи биле сместувани во станови, за кои по проверките се докажало дека се во државна сопственост. На иста адреса според документацијата се воделе по 20-30 луѓе.
