Лажни гласачи регистрирани и во министерства и амбасади
Од ден на ден расте бројот на непостоечки гласачи на избирачкиот список. Пронајдено уште едно конзулатно претставништво со впишани гласачи.
На адреса на амбасадата на Чешка во Република Македонија односно на скопската ул „Тодор Александров “ 35 на избирачкиот список како гласачи се јавуваат имињата на Шопевска Наташа Сара , и Тренески Санде.
Претходно, на адресата на Бугарската амбасада со седиште во Скопје која се води на улица „Златко Шнајдер“ бр.3 беше пронајдено како гласач лицето Дескова Јорданка.
Освен тоа на адресата на амбасадата на САД во Македонија беше пронајдено евидентирано лице под име Мирко Антовски .
Покрај овој случај, регистрирани се и четворица гласачи на адресата на претседателот Ѓорге Иванов, петнаесет на адресата на пратеникот Павле Саздов, тројца со различно презиме на адресата на поранешната министерка Гордана Јанкуловска, 14 на адресата на Агенцијата за јавни набавки.
Гласачи има евидентирано и на адресата на Министерството за Транспорт и врски како и на адресата на која се наоѓа Министерството за економија .
Инаку, реакциите за починати, иселени и „фантомски“ гласачи на Избирачкиот список, не стивнуваат откако Државната изборна комисија ја промовираше веб-апликацијата за проверка на гласачите.
Граѓани на социјалните мрежи пишуваат дека на нивните адреси живеаат луѓе кои тие не ги познаваат, дека на списокот има починати лица и дека има лица кои повеќе години се иселени од Македонија. Освен тоа, забележани се и фиктивни влезови, станови, напуштени куќи, по 50-60 лица во еден стан, како и стари имиња на улици.
Државната изборна комисија за утре најави јавна седница на која ќе се расправа за пријавите од граѓани за сомнителни случаи и записи во електронскиот избирачки список што стигнале и биле примени од ДИК.
