Лавров: Русија ќе го смета за провокација ширењето на НАТО во Македонија!
Можното проширување на НАТО во поранешните југословенски републики Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора може да се гледа како провокација кон Русија, вели рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
„Во врска со проширувањето на НАТО, јас го гледам како грешка, дури и како своевидна провокација. Тоа, на еден начин, е неодговорна политика која ја нарушува решеноста да се изгради систем на рамноправна и поделена безбедност во Европа, еднаква за секого без разлика дали една земја е членка на овој или оној бок“, изјавил Лавров за Дневни аваз, запрашан за потенцијалното членство на овие три земји.
Русија досега отворено не се спротивставувала на интеграцијата во НАТО на останатите балканските земји, но затоа остро реагирала на можноста за приклучување на земјите од источна Европа, припаднички на некогашниот советски блок.
Според проценките на Ројтерс, Црна Гора изгледа најблиску од овие три земји да стане следна членка на Алијансата. Членството на Босна и Херцеговина е блокирано од етничките тензии кои ги забавуваат реформите, додека на Македонија - од долгогодишниот спор околу името со Грција.
Само Србија, веројатно најблискиот сојузник на Русија во регионот, активно не се стреми кон членство во НАТО заради политичката чувствителност на ова прашање по НАТО бомбардирањето на оваа земја во 1999 година, пишува Ројтерс.
Односите меѓу НАТО и Москва сега дополнително се заладени заради случувањата во Украина.
Слично
