Лани сме платиле 3 милиони евра за гасниот терминал во Александрополис кој не го користиме
Македонија преку ЕСМ минатата година платила 3 милиони евра за закупот на капацитет, иако не го користел гасниот терминал во грчкиот Александрополис. Ова е објавено во финансискиот извештај на Електрани на Северна Македонија за 2025.
Таму е наведено дека под ставка „останат наем“ се платени 187 милионни денари во текот на 2025. Во текот на 2024, кога на крајот на оваа година започна исплатата на закупот, биле платени 48 милиони денари, односно нешто помалку од 800.000 евра.
“Трошоците за останат наем односно закуп на терминал за гас - Александрополис Грција во периодот 01.01.2025 - 31.12.2025 година во однос на истиот период 2024 година се зголемени за 297,29 проценти, односно 140.190 илјади денари. Ова зголемување е поради тоа што на крајот на 2024 година почна да се плаќа закуп на дел од терминал за гас во Александрополис - Грција„, наведено е како белешка во извештајот.
Од ЕСМ велат дека се бара начин барем периодично да се откаже затекнатата обврска за плаќање, но официјална одлука засега нема и останува да се чека во наредниот период кога се можни некои излегувања во пресрет.
Причината е што Македонија не плаќа за реално потрошен гас, туку за резервиран капацитет на LNG терминалот во Александрополи и на поврзаната транспортна инфраструктура. Македонската државна компанија резервирала капацитет на долг рок (се спомнува период од околу 15 години) за да обезбеди алтернативен извор на снабдување со природен гас, независно од еден снабдувач или една рута. Со ваквите договори, закупнината се плаќа и кога капацитетот не се користи целосно.
Пред една година актуелното раководство на државната компанија АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) објави дека е поднесена кривична пријава до Финансиската полиција и до Министерството за внатрешни работи МВР против членови на двата претходни управни и надзорни одбори во компанијата поради неколку одлуки поврзани со закупот во новиот терминал за течен природен гас во Александрополис во Грција.
Претходно од АД ЕСМ соопштија дека компанијата за овој закуп на капацитет на гас кој не можел да се користи, месечно плаќа над 250 илјади евра.Терминалот за течен природен гас (ЛНГ) во грчкиот град Александрополис започна со комерцијална работа на 1 октомври 2024 година. Преку него со природен гас се снабдуваат неколку земји од Југоисточна и Централна Европа.
Инаку ЕСм веќе и онака има голем финансиски товар. Над 250 милион евра долг има кон домашни и странски банки. Пораснале и трошоците кон домашните и странските добавувачи. Па, така според извештајот изнесуваат околу 80 милиони евра. Објаснувањето за растот на овие трошоци е дека се зголемиле обврските за набавка на струја, мазут и јаглен. Пораснале и трошоците за привремени вработувања од агенции и за тоа над 4 милиони евра. Ангажирани биле луѓе за РЕК Битола, Осломеј, во хидроцентралите, во ТЕЦ Неготино која се чува како ладна резерва и не работи. Но и за во Дирекција на ЕСМ. А.К.
