Ламарк: Македонија е земја каде младите не гледаат иднина
Македонија е земја каде младите не гледаат иднина.
Вака младата Французинка Осеан Ламарк од Бордо го опишува животот во Македонија. Таа престојуваше седум месеци во Куманово од септември лани до април годинава, како волонтер на Ромски младински центар. Во текот на престојот во земјава, Ламарк имаше шанса да посети повеќе градови и да спореди како таму се живее.
„Сретнав многу млади луѓе на моја возраст во Македонија, на дваесетина години. Во Франција младите мислат на професионалното усовршување кое ќе биде тешко, поради невработеноста, има малку опции за работа во одредени сектори. Некои млади се на улица и протестираат против Владата и законот за работа. Но, во Македонија треба да се има храброст да се замисли иднината. Младите сонуваа за Франција кога ќе им кажев дека со 35 часа работа ќе ја земат платата која во Македонија ја добиваат за еден месец. Но, и цените се повисоки, па така килограм домати ако кај вас е 20 центи, кај нас е 2 евра“ - раскажува ламарк.
Таа смета дека во Македонија има корупција, а луѓето мора да се ангажираат во политички партии за да добијат работа. Забележала дека таксистите во земјава работат премногу, а добиваат мизерни плати. Вели дека во Македонија има семејства кои се многу сиромашни.
„Македонците се многу горди на својот идентитет, на Александар Македонски кој Грците го оспоруваат, но има и многу Албанци и се чувствува сегрегација меѓу Македонците и Албанците. Не живеат на исти улици и малку комуницираат. Кога ќе ги прашате Македонците велат дека не ги сакаат Албанците и обратно. Војната од 2001 година многу ги раздвоила. А каде се Ромите?Тие ја имаат Шутка или Средорек во Куманово каде живеат сиромашно со своите семејства“ - додава Ламарк.
Французинката вели дека Македонците мораат да земаат бугарски пасоши за да работат во ЕУ, бидејќи Македонија има висока невработеност или заминуваат за Авгaнистан каде добиваат високи плати.
Таа оценува дека Македонија има природни богатства, езера, планини, има прекрасни ресторани и вели дека многу странци поради евтините авионски билети се одлучуваат да ја посетат земјата.
Сања Атанасовска
