Лалакос: Проширувањето не е приоритет за грчкото претседателство со ЕУ
Eкономски раст и вработување, зацврстување на ЕУ, граници, мобилност и миграција, како и сеопфатна поморска политика - ова се приоритетите на грчкото претседателство со Унијата, а проширувањето не е во врвот на агендата, истакна грчкиот амбасадор Харис Лалакос пред македонските пратеници.
Грција од 1-ви јануари го презеде шестмесечното ротационо претседателство во ЕУ.
„Ние сме за проширување со земјите од Западен Балкан затоа што сметаме дека тоа е најдобар начин на кој што ќе ја заштитиме и нашата стабилност, нашиот просперитет, кои не може да се отсечат од стабилноста и просперитетот на нашите соседи“, рече Лалакос, кој сепак не спомна каков е односот на официјална Атина кон приклучувањето конкретно на Македонија.
Според пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Антонио Милошоски, на грчкото претседателство му недостига конзистентност и континуитет по однос на приоритетите, најавени со Солунската агенда во 2003-та година.
„Тоа зборува дека грчката официјална политика или нема капацитет да ги следи амбициите кои ги најавила пред 5-10 години или пак ги променила приоритетите во однос на регионалните интеграции“, рече Милошоски, кој побара од Атина да се изјасни и за пресудата на Меѓународниот суд од Хаг за непочитувањето на Времената спогодба.
И пратениците од опозицијата побараа доследност во грчката надворешна политика кон проширувањето. „Предолго трае оваа одисеја за Македонија. На крајот се плашам дека нема да остане ниту една Пенелопа која што ќе не дочека да се вратиме во ЕУ... Интеграцијата на Западен Балкан, а особено на Република Македонија е прашање од регионална безбедност и од тој аспект апелирам до граѓаните на сите држави да не бидат заложници на ниту една власт, туку во европски дух да го откочиме процесот на евроинтеграции“, рече Гордан Георгиев од СДСМ.
Мотото на грчкото претседателство со Унијата кое ќе се реализира до јули е „Обединети пловиме понатаму“.
Слично
