Лагард: Преговорите со Грција беа продуктивни
Меѓународниот монетарен фонд се надева дека консултациите со Грција за спасувачката помош за земјата ќе се забрзаат и продлабочат, изјави директор на Фондот, Кристин Лагард.
Средбата со грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис беше продуктивна, истакнала Лагард на прес-конференција во Вашингтон.
Во Париз и денес продолжува последната рунда преговори меѓу Атина и меѓународните кредитори. Грција се надева дека ќе постигне договор со нив пред 24 април, кога е седницата на министрите за финансии од Еврогрупата. Ова е потребно за да бидат деблокирани 7,2 милијарди евра - последната транша од спасувачката помош за Грција. Атина најави дека ако не добие пари, ќе престане да ги плаќа своите обврски за да обезбеди средства за плати и пензии.
Во меѓувреме, францускиот министер за финансии Мишел Сапен изјавил дека Грција, а не Европа ќе го носат товарот на сите евентуални проблеми. Европа создала амортизери, за да се заштити при евентуален банкрот на Грција, изјавил Сапен.
„Ако се случи нешто непријатно, тоа ќе биде сериозно за Грција, за грчкиот народ, а не за другите земји од еврозоната. Ние воопшто не сме во иста ситуација, во која бевме пред четири или пет години“, додал Сапен.
„Научивме да креваме ѕидови за да се заштитиме, да го заштитиме банкарскиот систем, да ги заштитиме други земји, кои можат да станат ранливи, ако нешто се случи во Грција. Значи Европа е многу силна. Европа е заштитена од превирањата. Опасноста е за Грција“, истакнал тој на пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.
„Грција треба да ги почитува правилата кои важат за сите земји во еврозоната. Грција потпиша не само меморандум, но и договори со кои презеде обврски. Овие обврски треба да бидат исполнети“, изјавил Сапен.
