Лабораторија на Градежен ќе испитува колку се енергетски ефикасни градбите
Топлотна и звучна изолација на градежните материјали ќе се испитува во новоотворената лабораторија на Градежниот факултет во Скопје, која чинеше 300 илјади евра.
Постапката за акредитација на лабораторијата е започната и треба да заврши до крајот на годината.
Според премиерот Никола Груевски, се работи за единствена лабораторија во регионот, а факултетот ќе може да ја користи и за комерцијални цели.
„Освен за целите за студентите и научните истражувања, оваа лабораторија ќе биде користена и за комерцијални цели и ќе носи приходи на самиот факултет и универзитет, а истовремено ќе овозможи и на приватниот сектор да може да врши различни акредитации на нивните производи и да врши проверка на нивните производи. Независно дали станува збор за некој производител или за некоја градежна фирма којашто купува градежни изолациони материјали и сака да ги вгради во својот објект којшто го гради и притоа сака да провери колку е топлопроводноста и звучната проводност на изолациониот материјал“, истакна премиерот.
Слична лабораторија, но релативно застарена и со помалку перформанси, има само во соседна Бугарија, велат од Факултетот.
Лабораторијата е опремена со апарат за мерење топлотна проводливост на градежни материјали кои се користат како термоизолациски, како и со апарати за теренско мерење со кои на веќе изградени објекти ќе може да се провери коефицинетот на топлотна проводност на фасадните ѕидови, пропишан во Правилникот за енергетски карактеристики на зградите. Со инструментот за мерење на звучната изолација на објектите, пак, ќе може да се пресмета изолациската моќ на преградни ѕидови меѓу станови или во склоп на еден стан.
Слично
