Курц: Австрија веројатно ќе ја затвори границата, Македонија да биде спремна!
Министерот за надворешни работи на Австрија Себастијан Курц и порача на Македонија да биде спремна „целосно да го запре“ приливот на бегалци долж својата јужна граница со Грција, предупредувајќи дека наверојатно Виена ќе го направи истото на своите граници наредните месеци.
Курц во текот на денешната посета на Скопје порача дека во наредните месеци бројот на бегалци во Австрија најверојатно ќе достигне максимум за таа земја.
„Австрија ќе мора да ги запре мигрантите на својата граница“, рече Себастијан.
Исто така Курц истакна дека Македонија „мора да биде спремна во целост да го запре влезот на мигранти на своите граници“, пренесоа агенциите.
На прашањето дали ЕУ ја разгледува можноста за бегалски кампови во Македонија, тој рече дека не се исклучува можноста за отворање на прифатни центри за бегалците кои не можат да стигнат до земјите на ЕУ, па тука привремено ќе мора да почекаат.
Министерот за надворешни работи Никола Попоски рече дека Македонија ќе дозволи премин на точно толку бегалци колку земјите на ЕУ официјално ќе примат.
На заедничката конференција за новинари во Скопје, Никола Попоски истакна дека во таа цел координирано ќе работат сите земји кои се зафатени од бегалската криза, а тоа го потврди и Курц, истакнувајќи дека неговата посета на земјите од Западен Балкан е токму поради тоа организирана.
Попоски рече дека Македонија ја поздравува европската финансиска помош, бидејќи досега целиот трошок за борба со бегалската криза беше на сметка на македонските даночни обврзници.
Двајцата министри на средбата во Скопје разговарале и за политичката криза во Македонија и неопходноста да бидат обезбедени фер и демократски избори.
Курц најави дека Австрија ќе испрати набљудувачи на парламентарните избори.
Попоски и Курц потпишаа акционен план со кој се предвидува јакнење на економската соработка на Македонија и Австрија и австриска помош во обука на млади дипломати и модернизација на македонската јавна администрација.
