Курти вели дека на Косово може да избие војна
На Косово сепак е можно да има војна.
Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека постои можност од избувнување нова војна во Косово, имајќи предвид дека Србија продолжува да ја снабдува својата војска со оружје од Русија и Кина, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според него, најопасна работа моментно е тоа што „раководството на Србија ја смета Русија за своја мајка“.
Во денешното интервју за хрватскиот весник „Вечерњи лист‘, што го пренесуваат косовските медиуми, Курти рече дека „би било неодговорно да се каже дека никогаш повеќе нема да има конфликт и војна“.
„Доколку нема подготовки за војна, зошто минатата година Србија и Русија одржаа 104 заеднички воени вежби (на српска територија) од 91 колку што имаа најавено и во исто време ги изведоа двете најголеми вежби, насловени „Славјански штит“ и „Славјанско братство“, изјави Курти.
За неговото спротивставување на формирањето на Заедница на српски општини во Косово, Курти објасни дека тоа би претставувало „вовед во создавањето на една нова Република Српска“ во регионот.
Србија не планира да го признае Косово.
„На Вучиќ можам да му ветам тешки денови, недели и месеци“, вели косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечија, пренесува Н1 Србија.Тој обвини дека Вучиќ имал шовинистички тежнеења кон Косово.
Инаку, оваа недела косовски Албанци нападнаа Срби на Косово при што татко и син завршија во болница.
