Купуваме најмногу грчки дизел, колку не чини увозот?
Цените на дериватите од денеска на полноќ сами ги формираат нафтените дистрибутери, но колку точно бензин годишно точиме на нашите бензински и колку сме го платиле? Годишниот извештај на Регулаторната комисија за енергетика покажува дека Македонија лани во текот на целата година, увезла 987.662 тони нафтени деривати, што е за 0,68 проценти повеќе во однос на увезените количини на нафтени деривати во 2017 година (980.956 тони). Во исто време потрошувачката се намалила. А секако најмногу пари сме потрошиле на дизел гориво.
Во извештајот стои дека најголем увозник и во 2018 година е ОКТА Рафинерија која учествува со над 76 отсто во вкупниот увоз. Следува Лукоил со нешто повеќе од 10 проценти, ОМ Петрол Скопје со 3,6 отсто, а останатите трговци учествуваат со 9 отсто во вкупниот увоз на нафтени деривати во 2018 година.
И лани како и минатите години, Македонците најмногу трошат дизел гориво, па така дизелот учествува со 66 отсто во вкупниот увоз. Во текот на годината увезени се 652.083 тони дизел гориво. Следат моторните бензини со над 11 проценти или компаниите увезле 113,042 тони бензин. Од увозот, на пропан-бутанот (ТНГ) отпаѓа 7,4 отсто, мазутот учествува со 6,7 проценти, екстра лесното гориво (ЕЛ-1) со 4,5 отсто, млазното гориво со 4 проценти и има мал процент на увоз од биогориво.
И во 2018 година најмногу сме купиле деривати од Грција и тоа дури 80 отсто од количините се од таму. Потоа следи Бугарија со 11,8 проценти, Србија со 3,46 отсто, Албанија со 1,4 проценти.
Во извештајот пишува дека продажбата на нафтени деривати на домашниот пазар во 2018 година изнесува 851.770 тони, или за 1,8 отсто помалку од лани.
„Во потрошувачката на нафтените деривати на домашниот пазар во 2018 година доминираат дизел горивата со 67,15 проценти, безоловните бензини со учество од 11,8 проценти, течниот нафтен гас со 8,4 отсто и мазутот со 7 проценти, стои во извештајот.
А.Т.
