Купувач искеширал 300.000 евра за блок акции во Реплек
Двесте акции кои се 0,77 отсто од Реплек АД Скопје беа истргувани вчера во блок трансакција. Една акција во блокот чини 90.133 денари, а купувачот за акциите плати над 18 милиони денари (293.115 евра).
Реплек беше турбулентно друштво во претходниот период, а по одржувањето на првата седница на акционерското собрание на 8 април годинава. Извесни несогласувања меѓу акционерите резултираа и со раст на цената на акциите за двоцифрен процент, но по одржувањето на продолжението на акционерското собрание и изгласувањето на довербата на Иван Туџаров на раководната позиција, побарувачката за акциите немаше таков интензитет. Практично од 19 април немаше тргување со акциите на Реплек на пазарот.
Тоа може да се толкува и како обид пред седницата некои акционерии да купувале за да имаат влијание во гласањето. Инаку на 21 април беше организирана и јавна берзанска аукција. Продавачот понуди 1.783 акции кои се практично 6,88 отсто од основната главнина на друштвото и тоа по цена од 135.000 денари за акција. Сепак никој не покажа интерес и акциите не беа продадени.
До денеска во акционерската книга нема промена на акционерите кои поседуваат над пет отсто од друштвото. Заклучно со понеделеник, долгогодишниот директор Иван Туџаров поседува 11,2 отсто обични акции. Друштво за трговија и услуги Ситко Антонио Доел има 6,1 отсто, Сава Пензиски фонд има 6,4 проценти. Владимир Пецовски поседува 5,79 од акциите, Душан Пецовски 11, 92 проценти, а Славица Туџарова 11,57 отсто.
А.Т.
