Економија, финансии, бизнис

Контакт

КУПЕНИ 2,5 % ОД ФЕРШПЕД; Акционер плати 128.000 денари за акција!

КУПЕНИ 2,5 % ОД ФЕРШПЕД; Акционер плати 128.000 денари за акција!

За 2,5 отсто од управувачките права новиот сопственик на овие акции плати 935.000 евра, а тоа е речиси 3,5 пати повеќе од последната цена на таа акција постигната на берзата во класично тргување

Акционер купи 2,5 отсто од акциите на „Фершпед“ за што плати 57,6 милиони денари односно 935.000 евра. Цената на акцијата што беше постигната изнесува 128.000 денари што е највисока цена за таа акција остварена за тргување со акции на најголемата шпедитерска компанија во земјава од во последниве девет месеци (од 8 март годинава кога во блок трансакција беа истргувани 147 акции на таа компанија во цена од 130.000 денари за акција).

Засега не е познат новиот сопственик на акциите, но цената по која беше реализирана трансакцијата предизвика внимание кај инвеститорската заедница. Купопродажбата е реализирана преку формата „администраторски блок“ што значи дека трансакцијата станува валидна со тоа што се доставува договор меѓу купувачот и продавачот и притоа никој друг заинтересиран купувач не може да се вмеша во конкуренција и да лицитира за купување на одредената количина.

Според официјалната евиденција на веб страницата на Македонската берза во последниве 12 месеци највисоката цена во класично тргување на берзата достигнала 56.000 денари,  а најниската цена по која била истргувана таа акција изминативе десетина дена, беше 38.000 денари.

Последниот „администраторски блок“ значи дека некој од постоечките акционери ја зајакнува својата позиција во „Фершпед“ преку зголемувањето на бројот на гласови. Можеби нов сопственик на акции ќе биде некоја фирма или физичко лице кое досега и не е присутно во структурата на акционери, но ќе даде поддршка на деловните политики кои сега се водат во таа компанија. Идниот понеделник ќе се знае дали има промени во акционерската структура кај постоечките акционери кои поседуваат над 5 отсто од управувачките права. Можно е, а реално и многу веројатно, дека нема да има зголемувања на учеството кај постоечките акционери, туку тоа да биде нов акционер што нема да се појави во јавната листа.

Декември е месецот на „Фершпед“

Само за потсетување и лани во декември се случија значајни промени во акционерската структура на „Фершпед“. Тогаш кон крајот на месецот во акционерската структура влезе Мите Николов, сопственикот на „Брилијант“ од Штип кој во краток период купи количество акции со кои влезе во јавната листа на сопственици во „Фершпед“ со тоа што имаше над 5 отсто од акциите. Сопственик на тие акции стана фирмата „АВТ Консалтинг“ која тогаш беше во сопственост на Мите Николов. Во тој момент дел од инвеститорската заедница овој потег на Николов го оцени како роднинска поддршка на Штерјо Наков, долгогодишниот директор и поранешен најголем акционер на „Фершпед“ кој потоа своите акции ги подели на синовите Сашо и Драган Накови.

Неколку дена по тоа и скопската кондиторска индустрија „Европа“ купи 2,33 отсто од акциите во „Фершпед“ за што плати над 1 милион евра односно околу 146.000 денари за акција. Со тоа купување „Европа“ стана акционер во јавната листа на сопственици на акции во „Фершпед“.

Според најновата состојба на Централниот депозитар за хартии од вредност најголем акционер во „Фершпед“ е Драган Наков со 11,83 отсто од акциите со право на глас, пред неговиот брат Сашо Наков со 11,04 отсто од капиталот. „АВТ Консалтинг“ е трет по големина акционер и поседува 10,01 отсто од акциите. Во сопствен откуп се чуваат 9,99 отсто од капиталот и тие се стерилизирани односно не носат право на глас ниту право на дивиденда. Четврти по големина акционер е словенечкиот инвестициски фонд „Алпен“ со 5,87 отсто од акциите, пред „Европа Скопје“ која поседува 5,61 отсто од капиталот. Во оваа група е уште скопјанецот Драгослав Димовски, поранешен директор во „Фершпед“ кој поседува 5 отсто од акциите со право на глас. Според ЦДХВ во „Фершпед“ има 301 акционер домашни физички лица кои поседуваат 27,9 отсто од акциите со право на глас.

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести